Има ситуации кога некои работи треба да се премолчат, и не само во бракот, туку во секоја сфера од живеењето. Иако текстот микроскопски се занимава со еден интимен проблем, мислам дека тоа го има во секој дел од животот. Колку што лажеме, толку и вистина кажуваме. Колку што зборуваме за љубов, зборуваме и за омраза, вели актерката Габриела Петрушевска, која игра во претставата „Лагата“, чија премиера Македонскиот народен театар (МНТ) ја најави за в сабота, на 15 октовмри, на големата сцена во 20 часот.

Текстот е на современиот француски драматург Флоријан Зелер, а режијата е на Бесфорт Идризи. Освен Петрушевска, во претставата уште играат и Јордан Симонов, Оливер Митковски и Драгана Левенска.

Според режисерот, „Лагата“ е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже.

Петрушевска: Има ситуации кога некои работи треба да се премолчат, и не само во бракот, туку во секоја сфера од живеењето

Текстот е многу интелигентно напишан. Се занимава со некакви брачни ситуации, кога се лажеме, кога ја кажуваме вистината. Колку што лагата е активна сила, толку и вистината е активна сила. Тоа си излегува на површина. Кога ќе се спојат двајца, во брак или во некаква заедница, наводно има таков парадокс дека ќе станат едно, ама сакаат да си го зачуваат интегритетот. Зборуваме за брак во кој сопружниците се заедно 20 години, поминале низ многу премрежја и искушенија и имаат прикриени тајни. Во моментот кога сакаат да чепкаат во туѓи тајни, нивните тајни излегуваат на површина, вели Петрушевска.

Ова е француски текст и намерата на режисерот, а екипата се согласила, е дејствието да биде локализирано. Направено е така на некој начин публиката да може да се идентификува со она што се случува на сцената, но во извесни сегменти.

Благородна како лик е жена која што е манипулативна, ги користи сите женски средства за да стигне до тоа што и е потребно. Мислам дека е жена којашто својата животна енергија ја има инвестирано во работи за кои навистина верува, вели Петрушвска, на која ова и е втора претстава во МНТ по преминувањето од Народниот театар Битола во националниот театар и како што вели добро е што за партнер го има Јордан Симонов.

Тој има неверојатна актерска интелигенција , способност, вештина, но истовремено и човечност, толеранција и духовност, која мене лично ми помогна во целиот процес, додава Петрушевска.

Таа смета дека ја живееме границата меѓу вистината и лагата.

Ние, конкретно, во Македонија живееме на граница меѓу вистината и лагата, а таа граница е многу порозна, вели Петрушевска.

Според неа, етерот е преполн со лажни вести, лажни ветувања, понуди, проекти ,политики и најздраво е рационално да им пристапуваш.

Понекогаш може да биде и малку параноично. Лично, за себе може да кажам дека имам развиено параноја кон извесни работи, бидејќи постојано сме пренатрупани од лаги. И не станува збор само за лажни вести, односите во кои се наоѓаме, туку и за лажно време, секојдневието кое не опкружува, така што, за жал, може да кажам дека живееме во лажно време, вели Петрушевска.

На прашањето дали е ова текст кој ја опишува непријатната вистина за бракот таа вели:

Да, има сегменти каде што секој може се препознае. И не само непријатната вистина, туку и жртвата што можеби треба да ја направиш и во име на што ќе ја направиш. Лично, не сум против брак, но мислам дека тоа е едно парче хартија кое ќе се стави на маса, обврзува со многу нешта. За мене, кога би бил брак би било едно разбирање и цимерување. Сосема сум убедена дека во сите бракови и сите долги релации има искушенија и дека не треба на тоа да гледаме како на некаков суд, напротив како едно растење еден со друг. Претставата токму тоа го покажува. Ја покажува жртвата што треба да се понесе во даден момент, додава Петрушевска.

Во вакви односи и релации прашање е колку денес интимната врска може да ја издржи искреноста?

Не велам дека во име на љубов, на некаква синергија не треба да има понекогаш некоја бела лага, посебно во нашата професија, која е чиста илузија. Но, во таа илузија треба точно да протнеме вистината, да ја видиме и да ја препознаеме. Претставата си кажува една многу убава вистина и мислам дека публиката ќе сака да ја гледа. Никому посебно не му ја препорачувам, но би сакала публиката да дојде и ја види, заврши Петрушевска.

По премиерата на 15 октомври, следните изведби на „Лагата“ се закажани на 21 и 29 октомври.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.