Издавачката куќа „Полица“ подготви атрактивни промоции на Саемот на книга кој е во тек во Арена „Борис Трајковски“.

Големи класици, книги закитени со најголемите книжевни награди во светот, книги за деца со љубопитен дух – некои тука за вас со години, а некои уште топли, штотуку излезени од печатница, велат од „Полица“.

За утре во 17 часот на штандот на „Полица“ е закажано едночасовно дружење со актерите Васил Зафирчев и Кети Борисовска, кои низ игра, глума и забава ќе покажат што значи да се биде актер и дел од театарот.

Воедно, ќе презентираат и дел од содржините на книгата „Театар“ од едицијата на книги за деца „Дознај и пробај“, која ќе може да се набави со дополнителен попуст од саемскиот, по цена од само 175 денари.

За сите деца што се постојано со камерата в раце! „Полица“ денеска во 17 часот организира едночасовно дружење со режисерот Стојан Вујичиќ, кој ќе им раскаже сè што ги интересира за камерата, снимањето и за филмот.

Воедно, ќе начнеме и дел од содржините на книгата „Како да снимиш филм“, која ќе може да се набави со дополнителен попуст од саемскиот, по цена од само 175 денари, велат од „Полица“.

Претходно, на Саемот кој трае до 14 мај беше промовирана и книгата „Како да бидеш парижанка“!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.