Со македонска премиера на „Сестри“, дебитанскиот филм на македонската режисерка Дина Дума, синоќа во Битола се отврои 42. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Првпат наместо во Центарот за култура во Битола, отворањето беше во Пациото во Завод и музеј Битола поради протоколите за заштита од ковид-19. По проекцијата целата екипа од филмот се поклони пред публиката.

Новото издание на „Браќа Манаки“ почна со музички настап на Каролина Гочева, која придружувана од Никола Мицевски на пијано изведе неколку нумери од филмови.

Изминативе неколку недели се околу нас инаетливо ни посочуваше дека нема да не биде и дека ќе се прекине филмот што го сонуваме. Се случија многу непредвидливи нешта. Покрај двегодишниот хорор филм наречен Ковид-19 проживеавме уште неколку филмски жанрови. Имавме драма, помалку трагедија, трилер, акција и се заврши со комедија. Но, и покрај се продолживме да сонуваме и тој сон сега го споделуваме со вас во реалноста. Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот- а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици. И кога тие пречки и проблеми стануваат големи, тоа за нас е само предизвик да бидеме уште поупорни и подобри. Затоа кога е најтешко, како во ова време-невреме, кога не бевме сигурни ни дали воопшто ќе имаме гости на Фестивалот, ние решивме да доделиме не една, туку две специјални камери 300 за особен придонес во филмската уметност. На двајца исклучителни уметници, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски на отворањето на Фестивалот.

Претседателот Стево Пендаровски, покровител на манифестацијата кој го прогласи за отворен Фестивалот рече дека „Браќа Манаки“ треба да покаже дека фестивалот е жив, витален и опстојува покрај сѐ, како што мораме и во секој друг сегмент од животот да продолжиме понатаму со оптимизам и надеж и покрај сите тешкотии и проблеми кои не притискаат секојдневно.

Годинава и покрај тоа што како и целиот свет сѐ уште се бориме со пандемијата имаме фестивал во целосен формат, за што најискрено им честитам на организаторите, на сите поддржувачи и фанови на фестивалот и секако на драгите гости кои дојдоа во Битола. Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови, нѐ потсетија колку подвижните слики се неопходни за нашите животи. Исто така, не натераа да ја видиме разликата помеѓу малите екрани и магијата на големото платно. Да се надеваме дека нашите животи ќе се вратат во нормала, ќе има се помалку ограничувања, а сѐ повеќе можности за животни радости и за дружење со уметноста, наведе Пендаровски.

Пендаровски му ја врачи наградата Златна Камера 300 за животен опус на на годишниот лауреат Кристијан Бергер, австрискиот волшебник зад камерата.

Сум добил и претходно слична награда, но сега е малку потешка. Навистина се изненадив за доделеното признание и ми беше пријатно да дојдам повторно во Македонија и да бидам дел од Фестивалот „Браќа Манаки“. Би сакал да ја споделам мудроста што доаѓа со мојата возраст. Малку можам да го споредам фестивалот „Браќа Манаки“ со другите фестивали, таму гледам се поголема комерцијализација. Тоа никогаш не сум го искусил низ годините овде. ИФФК „Браќа Манаки“ е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место кое би било на второ место по ова. Не знам на што мислеле браќата Манаки во оној момент кога почнаа првпат да снимаат со својата камера и каква фасцинација имаа гледачите во тоа време, но она што ме тера сеуште да ја сакам својата професија до денес е моќта на сликите што се развиваат со текот на времето и нивното движење. Таа способност да се фати движењето и да се улови тој кус момент за да не се заборави и потоа да може да се покаже одново и одново-сметам дека тоа е суштината на камерата и мислам дека тоа ги мотивирало и браќата Манаки. Тогаш беше нова форма, а од нас зависи дали ќе продолжи да биде нова. Би било убаво ако фестивалот успее да ја задржи оваа „стара сензација“ жива“, подвлече Бергер и му се заблагодари на Благоја Куновски, кого го нарече „добриот дух“ на фестивалот.

Годинашен добитник на специјалната Камера 300 за особен придонес во филмската уметност беше и рускиот филмски режисер Андреј Кончаловски, кој не допатува во Битола, поради актуелната состојба со пандемијата, како и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.

Имав можност и привилегија да бидам запознаена со вашата земја поради тоа што мојот сопруг, кој се викат Драган, потекнува од Србија, и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоткриените бисери-богатства на Европа, рече Пук.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на актерот Северџан Бајрам, кој ги собра аплаузите од публиката со својата искреност и шеговитост.

Особена чест и задоволство ми е за доделеното признание. Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов кој ме откри и до Емир Кустурица, човекот кој ми ја додели најголемата животна улога и отскочната даска во кариерата, рече Бајрам на врачувањето на признанието.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.