Годинашната 33. „Поетска ноќ во Велестово“ е посветена на поезијата на Ристо Лазов и ќе се одржи од 20 до 22 август на повеќе локации во село Велестово и во Охрид.

Манифестацијата ќе биде отворена во петок во 21 часот во Велестово со настап на гитаристот Мартин Милески од Охрид.

За делото на Лазаров ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска. Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што ќе учествуваат на годинешната 54. летна школа на Mеѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура.

Како што информираат организаторите, истата вечер во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, од 22 часот ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ на академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид.

На 21 август од 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд.

-Планирано е и трето поетско читање, настанот „Поезија Залез“ што годинава би требало да се одржи на кајчиња во Охридското Езеро, но доколку временските прилики или други околности не дозволуваат, читањето ќе се одржи на алтернативна локација во селото Велестово. За овој настан планиран е настапот на Надија Реброња (Србија) како и на домашните поети: Долорес Атанасова ‒ Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади, стои во соопштението.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од ковид, со намален број на посетители и на отворено.

И годинава манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална банка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.