Поединци од македонската дијаспора во Австралија водат негативна кампања против националната установа „Танец“, ансамбл за народни игри и песни на Македонија кој гостува во Мелбурн, Камбера и Сиднеј, објави Мартин Вучиќ, директор на „Танец“.

Најпознатиот македонски ансамбл кој годинава слави 70 години од постоењето, во моментов е на турнеја низ Австралија каде што треба да одржи три концерти. Според Вучиќ, уметниците од ансамблот со радост после 11 години гостуваат на овој континент и се максимално подготвени за три врвни концерти пред публиката во Мелбурн, Канбера и Сиднеј.

За жал, за цело време, а сега посебно интензивно, се соочуваме со негативна кампања и опструкција на закажаните концерти и тоа водени од поединци од нашата заедница. Постојано сум и лично провоциран со недолични прашања и квалификации, но мене политиката и тие методи на комуникација ми се туѓи и навистина не можам да се впуштам во такви дебати и конфронтации, пишуа Вучиќ на фејсбук.

Мартин Вучиќ

Според Вучиќ, она што е континуитет сите овие седум децении е ансамблот „Танец“, сите генерации играорци и музичари, а со тоа и нашата култура и традиција, македонската самобитност.

Во овие седумдесет децении се смениле повеќе историски и општествени контексти, но македонското оро и песна, македонската музичко-фолклорна традиција, македонскиот јазик и култура гордо им пркосат на сите тие предизвици. А тоа е така затоа што сите генерации вработени во „Танец“ и сите генерации поддржувачи на овој наш подвижен музеј на македонскиот фолклор, вложиле многу љубов и многу труд да го одржат ова што денес го имаме. Чувствувам дека како никогаш досега, македонската заедница во Австралија е разединета, а чувствувам и дека токму ваквите моменти, кога им гостува најголемиот македонски културен амбасадор, се вистинските за повторно обединување. Ги потсетувам дека и во најголемите војни во минатото, секогаш победници биле македонската песна и оро, дека тие опстоиле вон сите историски рамки и вон сите административни граници. Ние сме можеби сведени на мала територија, но нашата духовна култура е голема колку планина, а тоа е така благодарение на сите нас. Сите ние сме задолжени да си ја чуваме музиката, како што јас сум задолжен од македонското образование кое ми го даде знаењето и дипломата, но и од моите дедовци кои ми го дадоа во аманет целото македонско музичко-фолклорно богатство. Јас сум должен да го чувам и негувам, тоа е и должност на уметниците во Танец, но и на сите вас. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да го издвоиме колективниот над личниот профитерски интерес. „Танец“ е и наша гордост и наша должност. Ајде сите заедно да му се радуваме. Во оваа прилика ги поканувам сите нашинци во Австралија да дојдат на концертите и заедно да уживаме во прекрасните македонски ора и песни. Едни без други не можеме и не смееме, вели Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.