Под мотото „Во нови слики“, од 17 септември до 1 октомври годинава во Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ ќе се одржи 19-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.

Годинашната програма во две седмици обединува преку дваесет настани, сместени во три три рамки: официјална селекција на фестивалот, придружна програма и off – програма на фестивалот.

Во официјалната селекција на 19. ИФАД „Стоби“ е претставата „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего Де Бреа, продукција на „Београдско драмско позориште“ од Србија, со која на 17 септември 2022 година во 20:00 часот ќе се отвори фестивалот.

Во понедлник, на 19 септември 2022, на истата сцена, ќе се изведе претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Црна Гора.

Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“, од Пловдив, Бугарија е на 24 септември 2022 година.

Народниот театар од Ниш ќе ја изведе претстставата „Еден Едип“, по авторски текст на А. Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ на 26 септември 2022 година.

Последен наслов во официјалната селекција е „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“, која ќе биде изведена на 28 септември 2022 година.

Во чест на лауреатите, во сабота, на 1 октомври 2022 година, ќе настапи Националната опера и балет со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Музиката е на Калиопи, кореографија на Олга Панго, а либрето на Сашо Димоски,

Сите претстави започнуваат во 20:00 часот, а по изведбите на секоја од претставите во официјалната селекција ќе се одржат разговори, тркалезни маси со годинашното кредо на фестивалот: „Во нови слики“.

Во придружната програма ќе бидат изведени претставите: „Популус“ на Танцтеатар, во режија и кореографија на Филип Петковски, „Мечта на трагичните поети“ – Танцтеатар, во режија и кореографија на  Адријана Данчевска, „И боговите јадат Тирамису“, според Ј. Овшианко, во режија на Софија Ристевска-Петрушева и „Ла Ла Ленд“, во концепт и реализација на Кала Каревски.

Во придружната програма годинава има две работилници. Првата е со наслов „Во потрага по Антигона“, наменета за професионални актери и ќе ја води режисерот Дејан Ангелов. Втората, со наслов „Рециклирани трагедии“, наменета за ученици, ќе ја води драматургот Билјана Крајчевска. Презентациите на резултатите од работилниците се предвидени за крајот од фестивалот.

Во придружната програма сместена е изложбата на театарски фотографии насловена „Маски“ од Филип Цветковиќ, гостин од Србија.

Во соработка со издавачката куќа „Полица“, фестивалот ќе ја промовира книгата „Нова античка драма II“, по примерот на минатогодишната книга собрани драмски текстови, настаната од официјалната селекција на фестивалот. Ќе биде проектиран и танцовиот филм „Дома“, продукција на „Скопје Танц Театар“.

Во рамки на фестивалот има и едно предавање, насловено „Од Одисеја до Одисеј“, на режисерката Диана Добрева.

Гoдинашната жири-комисија е во состав: Ѓорѓи Јолевски, актер, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, актерка и Деан Дамјановски, театарски режисер. Селектор на фестивалот е Сашо Димоски. Со цел нивно претставување, во off-програмата на фестивалот, на 20 септември 2022 година ќе бидат изведени претставите „Последната лента на Крап“ (С.Бекет/Ѓ. Јолевски/Перипетија/МНТ), „Кармен“(М. Делибес/Д. Пројковски/ Драмски театар Скопје), монодрама на Билјана Драгичевиќ-Пројковска и тетарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“ (С.Димоски/ Д. Дамјановски/ НТ „Ј. Х. К. Џинот“, Велес).

И годинава ќе се доделат четирите интернационалнни награди – за најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија и Гран при на фестивалот.

 




Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.