Во рамките на Саемот на книга 2021, покрај изложбено-продажниот дел се организираат и промотивни активности, при што ќе се одржат вкупно 33 промоции на нови дела и автори.

Во периодот од 8 до 13 септември, во Промотивниот центар во рамките на Саемот на книга ќе се реализираат промоции на нови изданија од страна на учесниците на саемот: Државниот Архив на РСМ, Книгохоличари, Бата Прес, Арс Ламина, Топер, Полица, Едука Мак, Издавачки центар ТРИ, Деа Балкански, Паблишер, Библиски Центар Божилак, Издавачки Центар Јени Балкан.

Во рамките на работната програма ќе се одржи и традиционалното доделување на награди од страна на Македонската Aсоцијација на Издавачи (МАИ) и доделување на награди од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).

На саемот ќе земат учество над 60 издавачки куќи кои најавија претставување на своите најнови изданија, кои покрај промоциите, најавуваат и големи саемски попусти до 70%.

Саемот на книга е организиран во соработка со Македонската Асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија и е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Програмата и распоредот на промоции се објавени на социјалните медиуми и  нашата веб страна на следниот линк: https://bit.ly/3DTDPUs

Саемот за книга ќе се одржи на отворено, непосредно до Аква паркот (А1 Арена – СЦ Борис Трајковски), од 8. до 14. септември и ќе се одвива согласно сите здравствени протоколи за заштита на јавното здравје (носење маска, држење дистанца од 2 метри и дезинфекција), со тоа што при влез на саемот потребно е посетителите да прикажат сертификат за вакцинација или сертификат за прележан КОВИД-19 за сите лица над 18 години.

Билети за саемот на книга ќе може да се купат преку on-line електронскиот систем www.karti.com.mk или на билетарите пред саемот. За најбројната публика, млади лица до 18 години билетот чини само 20 денари.

Работното време на саемот во периодот од 8 до 11 септември е од 10.00-21.00 часот, на 12 и 13 септември од 10.00-20.00 часот, а на 14 септември од 10.00-17.00 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.