Од 18 до 24 јуни ќе се одржи четвртото издание на КРИК – Фестивал за критичка култура, кој го организира Контрапункт – асоцијација за разво на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики. Првиот дел од четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, кое ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Оваа година „КРИК – фестивал за критичка култура“ ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме низ овој прв дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.

Фестивалот свечено ќе биде отворен во среда (19 јуни) со почеток во 19, 30 часот, во Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада. Претходно, утре (вторник, 18 јуни) во кафе – кино Котур, во рамки на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19, 30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.
Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.