Од денеска до 6 јуни ќе се одржи Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа SEE FF Paris-Berlin-Washington 2023. Традиционално, како и секоја година, на фестивалот се презентираат остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин и во Вашингтон, САД.

Во селекцијата на играни филмови е и македонскиот филм „Кино Љубов“ од Јани Бојаџи, како и селекција кратки и анимирани филмови од македонски автори.

Тринаесеттото, онлајн издание на фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа, се организира во соработка со универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон.

За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се  Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Фредерик Фапани, Ив Русле и Игор Станковиќ. Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет, и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.

Наградените филмови од фестивалот, подоцна ќе бидат презентирани во рамките на проектот Балканофилмофилија во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.