Традиционалната манифестација „Фестивал на чајот и читањето“ ќе започне на 15 јануари и ќе трае до 15 февруари. Годинава нејзини организатори се: издавачката куќа „Феникс“, фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – ИНАКУ и здружението „Интеракција плус“.

Според најавената програма, во рамките на фестивалот ќе се одржат промоции на книгите „Детскиот тематски свет на Ацо Караманов“ од Мито Спасевски и „Вработувањето на лицата со посебни потреби во Република Македонија“ од Ана Петреска. Ќе биде реализирана анкета на тема „Што читаат средношколците“, како и промотивна работилница по повод изданието „Чекор по чекор до правилен говор“.

Со самостојна ликовна изложба под заеднички наслов „Корени“ ќе се претстави писателот Христо Петрески. На фестивалот ќе се одржи чајна церемонија, со дегустација на чаеви и промоција на „Книга за чајот“ од Какузо Окакура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.