Во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во тек се пробите за претставата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска, во режија на Јована Томиќ, соопшти театарот.

Бужаровска (1981, Скопје) е една од најчитаните автори во регионот. Нејзината книга „Мојот маж“ има продадено тираж од 10.000 примероци само во Србија. На македонски јазик, „Мојот маж“ досега имаше шест изданија.

Режисерката Нела Витошевиќ прва во Драмски театар Скопје ја постави претставата „Мојот маж“ според истоимената збирка на Бужаовска. Премиерата беше во февруари годинава. Потоа во октомври во Словенечкиот народен театар – Драма Љубљана беше поставена претставата „Мојот маж“ според расказите на Бужаровска. Во согласност со здравствените протоколи, се одржаа три претпремиери и три премиери (на 8, 9 и 10 октомври) пред публика од по 80 гледачи по претстава.

Веднаш по објавувањето, збирката кратки раскази „Мојот маж“ предизвика големо внимание, и кај критиката и кај читачката публика. Претставата ќе се игра на сцената Студио ЈДП, а ќе режира Јована Томиќ, се вели во соопштението на ЈДП.

Во претставата играат Сања Марковиќ и Јована Беловиќ. Драматург е Димитрије Коканов, костимограф е Маја Марковиќ, а комопзитор Лука Мејџор.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.