Во манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон во Горно Нерези вчера почна снимањето на новата серија од македонска продукција, насловена  „Бистра вода“.

Ова е првата серија по подолго време во Македонија во жанрот трилер со сериозни драмски елементи на крими-драма.

Приказната во серијата е современа, исклучително актуелна, разработувајќи многу сегменти од општествениот, политичкиот и културниот живот во Македонија последниве неколку декади, а ќе изобилува со карактери, односи и настани кои силно ја рефлектираат денешницата, блиското минато, а реферираат и на едно подалечно минато на македонскиот народ.
Всушност низ сериозно заплетканите односи на две семејства ќе ни се отплетуваат судбини на обични и луѓе од системот кои силно потсетуваат на ликови кои ги гледаме или општиме со нив секојдневно.

Проектот е започнат пред 12 години како идеја на Љупчо Тодоровски Упа, Мони Дамевски, Јани Бојаџи и Владимир Карпузовски, а е развиван и подготвуван последните неколку години.

Овој серијал е меморија и во чест на соработникот на серијата и содружник Љупчо Тодоровски Упа, кој не го дочека снимањето, а улогата кој тој првично требаше да ја игра сега ја има неговиот најблизок колега и пријател, македонскиот докажан актер и продуцент Симеон Мони Дамевски.

Инаку продуцент, сценарист и режисер е Јани Бојаџи, а актерската екипа вклучува плејада на македонски актери од сите генерации меѓу кои и најпрославените и докажани Дејан Лилиќ кој се врати од Германија специјално за создавањето на оваа улога, потоа Јелена Жугиќ која по подолго време повторно ќе ја гледаме на малите екрани, Васил Зафирчев, Александар Микиќ, Роберт Вељановски, Зоран Љутков, Владо Јовановски, Снежана Коневска Руси, Мето Јовановски, Горан Стојановски, Маја Љутков, Кети Дончевска Илиќ, Рубенс Муратовски, а од помладите Дамјан Цветановски, Ирена Илиевска, Ана Јовановска и многу други.

Актерската екипа брои повеќе од 100 актери. Серијата ќе се снима на повеќе од 50 локации во Скопје, но и низ државата.
Почетокот на емитувањето на серијата ќе биде во средината на септември оваа година на телевизија АЛФА.

За серијата, сценаристот, режисер и продуцент Јани Бојаџи ќе изјави:

Кога актерите и соработниците го прочитаа сценариото првата реакција им беше дека било многу актуелно и дека во целост ја изразува реалноста на Македонија денес, тука и сега. Јас не се радувам на тоа затоа што ова сценарио е напишано пред 12 години. Кога сум го пишувал тогаш, наводно, реалноста

била поинаква. Значи во една декада не се променило ништо во Македонија. Инаку да, се работи за трилер, драма, криминална трагедија која зборува за тоа како едно семејство во Македонија после четириесет и пет години разделби и омраза, на крајот ќе ги победи сите непријатели, ќе ги надмине своите недоразбирања ќе ги разоткрие старите семејни тајни и на крајот ќе се обедини и ќе живее среќно. Наспроти друго семејство кое после хаос и меѓусебни недоразбирања и нетрпеливости ќе се распадне и ќе заврши на дното.

Инаку, како е да се зафати човек со ваква работа? Посебно кога насекаде околу тебе е хаос и се растураат сите вредности? кога сите велат дека нас Македонците наспроти Србите, Бугарите и Албанците не не бидува за ништо и не можеме да направиме ниту една серија!? Па, ова е надвор од умот! Но и големо задоволство кога  сите тврдат дека во Македонија не може да се направи ништо добро, ти да ги обединиш најдобрите за да правиш уметност! Ова е толку неверојатно што нема никаква врска со умот, туку само си љубовта кон  професијата и кон творештвото кое ги собра најголемите актерски имиња во Македонија со иста цел ,да покажат дека и Македонците знаат, умеат и можат.

Инаку ова 100% Мејд ин Маседониа продукција која е финансирана и помогната од многу македонски компании, но и од Македонци од дијаспората кои разбираат дека ништо подобро не возвраќа од убавото и од уметноста, вели Јани Бојаџи, сценаристот, режисер и продуцент на серијата.

Сценарист и режисер: Јани Бојаџи

Асистент режисер: Никола Поповски

Директор на фотографија: Кристијан Караџовски

Композитор: Игор Василев

Тон снмател: Валентин Виденовиќ

Костимограф: Невенка Тодоровска

Сет дресер: Гоце Попов

Соработник на сценаријата: Александар Русјаков и Весна Куслеска

Драматург: Мона Паскалова

Извршен продуцент: Дејан Милошевски

Асоцијативен продуцент: Игор Соколовски

Асоцијативен продуцент: Владимир Карпузовски

 

Актери: Мони Дамевски, Дејан Лилиќ, Владо Јовановски, Јелена Жугиќ, Роберт Вељановски, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Александар Микиќ, Ана Јовановска, Маја Љутков, Григор Јовановски, Зоран Љутков, Кети Дончевска Илиќ, Јана Вељановска, Александра Пешевска, Мето Јовановски, Благој Чоревски, Снежана Конеска Руси, Славица Манаскова, Рубенс Муратовски и многу други.

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.