Задоволство ми е што стигнаме до 8.издание на „Џифони Македонија“, во кое преку онлајн-врска да придонесеме духот на Џифони да влезе во нивните домови, а и кај 50 млади од 12 држави надвор од Македонија, кои ќе се дружат со нашите џифонци. Ова издание го направивме, хибридно. За среќа, го имаме летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, кое периодов стана култно, но главната програма ќе биде онлајн. Благодарение на поддршката на ОБСЕ, добивме платформа – отворена врата за младите да ги споделат своите идеи на едно место – рече Дарко Башески, извршен директор на „Џифони Македонија“, на отворањето на фестивалот синоќа.

Почетокот на фестивалот беше означен со италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“.
Преку видеоврска на отворањето учествуваа и 15 млади од Џифони кои заедно со директорот и основач на „Џифони Италија“, Клаудио Губитози.

Во оваа необична година во која на патот ни излегоа нови предизвици, се охрабривме и направиме одлично 50. издание и покрај потешкотиите со кои се соочи светот годинава. Овогодишното искуство ни отвори нови хоризонти, не можевме да замислиме дека ќе треба да измислуваме нови начини да се доближиме до нашите учесници. Активностите на јубилејното издание ќе траат до крајот на година. Ви посакувам успешен фестивал – рече Губитози.

Присутните ги поздрави италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео, за кого ова е последно издание на фестивалот, зашто му завршува мисијата во Македонија.

Џифонци нестрпливо го очекуваат почетокот на работилниците на кои ќе учествуваат од денеска па во наредните четири дена. Најмладите учесници – јуниорите ќе започнат со ликовната работилница каде секој може да ја испроба својата креативност и да научи нешто ново за сликарските тајни и техники. Годинава, оваа работилница е фокусирана на креации инспирирани од планетата Земја, а ќе ја води академската сликарка Моника Мотеска. Филмската музика ќе биде во фокусот на музичката работилница, што ќе ја модерира виолинистката и писателка Лада Шоптрајанова-Петровска. Таа ќе ги води учесниците низ дела од класичната музика користени во филмовите, но и низ музика специјално напишана за филм и низ други интересни теми и музички дела.

Едукативниот центар за компјутерско образование „Едуфронт“ од Скопје ќе ја одржи работилницата „Програмирање со Scratch“. „ПрограмИграм во Scratch“ младите учесници во текот на петдневната работилница ќе се воведат во програмирањето со најинтуитивниот програмски јазик Scratch. Денеска се одржа и еднодневна работилница за готвење под менторство на Бранко Попоски, а во соработка со „Балкан синема ситис“.

Кадетите и сениорите ќе имаат прилика да работат на теми од фотографијата, анимацијата, дигиталниот дизајн. Професионалниот фотограф со долгогодишно искуство, Роберт Јанкулоски ќе ги воведе џифонци во уметноста која крие многу тајни. Поетесата Елена Пренџова ќе ја раководи работилницата за креативно пишување. Таа ќе има за цел да ја разбуди имагинацијата и креативноста на учесничките и учесниците, да ги носочи и да ги охрабри да го искористат својот креативен капацитет во креирање авторски текстови напишани според соодветна задача, како и да ја поттикне нивната љубов и навика кон читањето и книжевната уметност воопшто.
Со едноставни апликации и со својата богата имагинација учениците ќе создадат кратки анимирани филмови на работилницата што е под менторство на Крсте Господиновски, професор по анимација на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и режисер на анимирани филмови.

Еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во Македонија, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, ќе им открие на учесниците неколку брзи техники и трикови за создавање уникатни цртани ликови. Домашната јавност најмногу го препознава по илустрациите на омилените детски ликови Петко, „Светот на Биби“, а во светот полудуваат по неговите цртежи на ликовите од популарната серија „Игра на троновите“.

Работилницата за графички дизајн ќе ја води Ладислав Цветковски, професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Со оваа работилница учесниците ќе имаат можност да научат како визуелно да комуницираат, дури и во услови со ограничени материјални и технички ресурси и како со помош на бесплатната платформа Canva да креираат постови за социјалните мрежи.

Кадетите и сениорите денеска ќе имаат мастер-клас со режисерот Леон Ристов, автор на филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ од 18 часот. Неговиот краток филм влезе во програмата на Сараевскиот филмски фестивал. А еден час подоцна следува Мартин Чичовски кој ќе разговара на тема – како одлучивме да снимиме серија? Станува збор за група средношколци учесници на „Џифони Македонија“, кои летово снимија своја серија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.