Во својата 84-та година од животот ненадејно почина македонскиот филмски и тв режисер и снимател Мето Петровски-Франсе.
Петровски е роден во село Иванчишта, Кичевско. Завршува Филмска школа во Белград, на отсекот за филмски сниматели. По едногодишна практика во продуцентската куќа „Вардар филм“, на конкурсот во Советот за култура на СРМ добива стипендија за студии на Филмскиот институт во Загреб, на отсекот за режија. Паралелно студира режија и светска и југословенска литература на Загрепскиот универзитет. Како режисер дебитира со документарниот филм СЕЛИДБИ (1965). Има реализирано преку 60 документарни и кусометражни филмови коишто се прикажувани на многу домашни и светски фестивали. Со документарниот филм ВИРОВО учествува на Филмскиот фестивал во Кан. Покрај работата на филмот, Петровски има реализирано и преку 30 телевизиски емисии, од коишто се истакнуваат: ПЕТТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, ИСЕЛУВАЊЕ НА ЕВРЕИТЕ ОД БИТОЛА, ПРОЗИВКА НА БЕЛ КАМЕН и емисијата ОНА ШТО БЕШЕ НЕБО. Емисијата РАЃАЊЕ НА МУРАЛОТ е прогласена за најдобра емисија на ЈРТ во 1987 година во својот жанр. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Златен медал на Белградскиот фестивал за филмот ГОЛГОТА, Сребрен медал во Белград за филмот ВРАНЕШНИЦА и Бронзен медал на истиот фестивал за филмот ПОДМОЛНА СИЛА, Бронзен змеј во Краков, Полска, за филмот ГОЛГОТА и низа други. Пред неколку години Кинотеката на Македонија му ја додели својата традиционална награда „Златен објектив“ за особен и значаен придонес во развојот на македонската кинематографија, посебно во областа на караткометражниот и документарен филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.