Денеска во Скопје почина Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор. Веста за смртта ја објави неговиот син, актерот Игор Џамбазов.

Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор на Инстаграм.

Александар Џамбазов (роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина) е македонски диригент и композитор.

Музичка академија заврши во Белград, а целиот работен век го мина во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Имаше реализирано безброј снимки и концерти во живо, настапуваше во земјава и во странство (Раденци во Словенија итн.). Добитник е на голем број (педесетина) стручни награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.