„Мими“, вториот долгометражен филм на Даријан Пејовски, на седми јули, на кровот на ГТЦ ќе го отвори 21. издание на Фестивалот на европски филм, „Синедејс“ кој го организира Младинскиот културен центар (МКЦ). Оваа година Фестивалот се одржува под мотото „Од високо подобро се гледа“, ќе трае до 14 јули, а ќе бидат прикажани педесетина филма.

Фестивалот се затвора со премиерата на „Нема да си сама“ во режија на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“, најголемиот фестивал на независен филм во САД.

Пред седум години токму на „Синедејс“ премиерно беше прикажан дебитантскиот филм на Пејовски, „Три дена во септември“, кој го отвори фестивалот и тогаш доби награда за најдобро сценарио на „Синедејс“. Вториот филм на Пејовски, „Мими“ повторно е во натпреварувачка програма.

По скопската премиера, „Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули.

Освен што станува збор за главни женски ликови и во „Три дена во септември“ и во „Мими“, се работи за многу различни филмови. Во „Мими“ ликовите се многу поамбивалентни, многу повеќе се вкоренети во ова секојдневние кое го живееме, оттаму не сте секогаш сигурни дали навивите за вистинската страна секогаш. Многу лесно оваа приказна може да се претвори во источноевропска социјална драма, меѓутоа јас се обидов да ја раскажам малку поинаку. Скопје е претставен како се чувстувам јас кога е во прашање нашиот град. Се работи за ликови кои играат улоги коишто не си ги одбрале самите. Затоа се и жени главните ликови и како навидум нормализирани ситуации доведуваат до трагичен крај, вели режисерот Пејовски.

„Мими“ е сниман во 2020 години, во ек на пандемијата на ковид. И покрај тешките услови во кои работела екипата, следејќи ги сите ковид-мерки, Пејовски кажа дека ковидот добро му дошол, бидејќи благодарение на мерките и карантините, тој и директорот на фотографија, Дејан Димески и Игор Тошевски, кој е автор на сценографијата, практично сами шетајќи по празните скопски улици ги одбрале локациите за снимање на филмот.

Сакавме да го доловиме самиот филм и ликовното обликување на филмот и нашиот град, Скопје, во некое друго светло, кое не е својствено за него, рече директорот на фотографија, Димески.

Тошевски признава дека работеле во специфични услови, а околносите биле предизвикувачки.

Имав среќа да го видам филмот и мислам дека може да се гордееме со она што сме го постигнале, рече Тошевски.

Темите кои ги обработува филмот се универзални, велат од екипата.

Филмот раскажува за Мими која ги напушта своите родители и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.

Признавам дека лагодно течеше градењето на ликот на Мими во филмот. Кога го запознав Пејовски на кастигнот, видов дека точно знае што сака. Му верував и меѓу нас имаше голема доверба. Мими е девојка која доаѓа од помал град, со надеж дека ќе се оттргне од стегите и притисоците што ги прави околината. Ликот има многу трансформации. Тамара Ристоска, која го глуми ликот на Сара многу ми помогна, бидејќи таа веќе беше во поделата на улогите. Таа отвори нови врати за мене, како да го градам ликот и како заедно ние двете ги градевме ликовите во филмот, изјави актерката Наталија Теодосиева, која го глуми ликот на Мими во филмот.

Актерката Ристоска потенцираше дека е многу важно влијанието на режисерот.

Едно е како ќе те води, а друго е слободата што ти ја дава. Многу е важно за еден актер да му се дозволи да експериментира, импровизира со својот лик, рече Ристоска.

Покрај Теодосиева и Ристоска, во филмот уште играат и Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов.

Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Режисерот Пејовски е и автор на сценариото, кинематограф е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимограф е Емилија И. Атанасовска, Ива Куробаса работи на шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

Овогодишниот филмски фестивал „Синедејс“ ќе се одржи на покривот на ГТЦ. Нуди домашна кинематографија во различни селекции, како што се SEE програмата, Гала програмата, МК Кратки. Организаторите најавија и богата ОФФ програма поврзана со македонската филмска индустрија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.