По пауза од две години, актерот Владо Јовановски повторно е на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ). Тој го толкува ликот на Бил, во претставата „Бесачи“ чија премиера синоќа беше изведена на големата сцена на Нациооналниот театар. Текстот е на познатиот британско – ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Бугаринот Јавор Грдев.

Во претставата, освен Јовановски, игра веќе докажаната актерска екипа од ансамблот на МНТ: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

Јовановски се враќа на театарската сцена по пауза од скоро две години. Последна претстава во која тој играше беше „Папагалот Историко“ во Драмски театар која ја режираше сега веќе покојниот Љубиша Георгиевски, а во драматизација на Сашко Насев. Претставата имаше краток век и според тогашниот директор на Драмски Сашо Тасевски, бидејќи била продадена само една карта, ја откажале изведбата.

Јовановски беше дел од движењето „За заедничка Македонија“. Нему и на Борис Дамовски и Богдан Илиевски им беше одреден притвор поради учество во настаните на 27 април. Тогаш 18 колеги на МНТ каде што тој е вработен, ја откажаа изведбата на претставата „Ничија земја“, во МНТ како поддршка на Јовановски.

Актерите Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски, во декември 2017 излегоа на сцената, и ѝ се извинија на публиката дека ја откажуваат претставата во знак на протест за притворот за колегата Јовановски. Во претставата играше и синот на Владо, Григор Јовановски.

Јовановски е вработен во МНТ од 1993. Изминативе години тој беше повеќе ангажиран со телевизискиот проект „Истражи ја Македонија“ и ТВ серијата „Преспав“. Продукцијата ОХО по настаните во Собранието на 27 април, соопшти дека актерот Игор Џамбазов ќе го замени Јовановски во ТВ серијата „Преспав“.

Според архивата на МНТ, меѓу последните негови претстави се „Вечната куќа“ во режија на Дејан Пројковски, „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски, претстави кои подолго време не се на репертоарот.

Јовановски зад себе има богата филмографија: „Есента на самурајот“, „Преспав“, „Ослободување на Скопје“, „Лазар“, „Деца на сонцето“, „Соба со пијано“, „Трето полувреме“, „Тајната книга“, „Бал-кан-кан“, „Големата вода“, „Прашина“, „Збогум на 20-тиот век“, „Преку езерото“…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.