Њујоршката филхармонија вчеравечер одново ги отвори вратите за посетителите, кои во ограничен број можеа да го проследат првиот концерт пред публика, по досега невидена пауза од повеќе од 13 месеци поради пандемијата.

Во име на сите нас на сцената, добре дојдовте назад. Долго време сонувавме за овој момент, рече диригентот Еса-Пека Салонен пред публиката, која не присуствуваше на концерт точно 400 дена.

Концертот се одржа во Центарот за култура „Шед“ на Менхетен, оддалечен околу три километри од седиштето на салата „Грефен“ во Линколн центарот, кој се реновира.

Со намален број и на музичари, програмата траеше еден час, а се свиреа три дела на музичарите Каролин Шо, Јан Сибелиус и Рихард Штраус.

Во големиот културен центар „Шед“, отворен во април 2019 година, имаше 150 гледачи со маски, кои седеа на столови поставени на дистанца, кој инаку собира 1 200 луѓе.

На секој од електронските билети имало одредено време за влез, а на секој посетител му била мерена температура пред да влезе во салата и притоа било потребно да покаже негативен тест за ковид-19 или потврда за вакцинација 14 дена порано.

Салонен, музички директор на Симфонијата во Сан Франциско и главен диригент на лондонската филхармонија, е гостин диригент на оваа програма, која ќе одржи уште еден концерт в петок навечер.

Ако ние музичарите сме посакале нешто во овие 14 месеци и повеќе, тоа е дека ништо, апсолутно ништо, не може да го замени чинот и ритуалот на изведбата во живо. Се разбира, ниту една програма не може да ги претстави нашите чувства и емоции по овие месеци. На вечерашниот концерт треба да гледаме како на нов почеток, сигнал за посреќни времиња пред нас исполнети со музика и други работи што му даваат значење на нашето постоење во овој комплициран свет, рече Салонен.

За време на паузата во изведбите, многу музичари од филхармонијата одржуваа часови. Нивните плати беа намалени, но за разлика од нивните колеги од членовите на „Метрополитен опера“, чии плати беа суспендирани на долг период, тие ги земаа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.