Познатиот литературен агент и уредник на литературната агенција „Астие – Пеше“ Пјер Астие, е еден од гостите на Седмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ кое ќе се одржи од 19 до 22 мај во Скопје. На фестивалските денови, кои ќе се одвиваат на неколку локации во Скопје, ќе гостуваат еминентни писатели од регионот, а Скопје повторно ќе биде место каде што авторите и издавачите ќе можат да се сретнат.

Во разговор за „Република“ на прашањето што треба да има една книга за да се пробие на светскиот литературен пазар и каква треба да биде темата на романот, Астие вели дека книжевната фикција е повторно популарна.

Тоа постојано се менува. Имам чувство дека денес книжевната фикција е повторно популарна. Интересот за фикција од недоминантните јазици се повеќе расте, вели Астие.

Астие е особено важен за македонската литература затоа што го застапуваше нашиот Гоце Смилевски при пробивањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во светот. Астие, на пример, книгата ѝ ја продаде на издавачката куќа „Пингвин“, која ги има авторските права за англиски јазик, но и во дваесетина други земји.

Имавме одлична соработка! Добро се разбиравме и ги решававме сите прашања. Гоце знае кој е кој и што може да биде стратешки брзо решено, вели Астие, одговарајќи на прашањето за соработката со Смилевски.

Иако е светски познат литературен агент, тој за себе не смета дека е добар во професијата која ја работи.

Никогаш не сум се гледал себеси како ‘добар’. Секогаш чуствувам дека треба да го си подобрам читањето на ракописи и познавањето на книжевниот пазар. Пред два дена, автор кој го претставуваме, шведскиот писател Свен Линдквист почина, а моето првично чувство беше дека не сум сторил доволно за него, дека тој заслужува многу повеќе, вели Астие за „Република“.

Астие е добитник на Наградата за исклучителност што ја доделува Лондонскиот саем на книгата (LBF Excellence Award) за 2019 година за најдобар интернационален агент. Ова признание важи за највисоко во светот на литературните агенции. Тој и другите членови на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со писатели и со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Неделно читам меѓу пет и десет ракописи и книги за читање и се радувам што доаѓам во Скопје за да ја запознаам подобро македонската литература.

Во 2006 година заедно со Лор Пеше ја основал меѓународната агенција „Астие-Пеше“.

Од самиот почеток на агенцијата, иако моравме да ја ограничиме нашата активност и да ги претставуваме само француските автори, бевме убедени дека во т.н. мали европски јазици се напишани брилијантни приказни и постојат одлични автори. Агенцијата стана целосно интернационална со македонскиот автор Гоце Смилевски и турската авторка Асли Ердоган во 2008 г. Огромниот успех на двата автори ни го отвори патот кон нов развој. Денеска, со седиште во Париз, на распаќето на различни влијанија (источни, јужни, северни), имајќи ја можноста да работиме со различни читатели и преведувачи на ИНАЛКО (Училиште за мали јазици), агенцијата е целосно меѓународна, вели Астие.

Астие режирал повеќе кратки приказни во 2007 година („Минијатури“) во издание на „Мегелан енд си“ во Париз. Досега се објавени 40 тома. Издал и учебник за настава и обука, а бил и координатор на изложбите во центарот „Жорж Помпиду“ и Палацо Граси во Венеција, галеријата „Карл Флинкер“ (Париз).

Книгите се гаранција за развој и образование. Кога книжевните пазарите ќе исчезнат (како во Венецуела во моментов), тоа значи колапс на една земја. Литературата ни помага да го разбиреме светот во кој живееме, и да ја видиме убавината на овој уникатен свет, заврши Астие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.