Хрватскиот сценарист и писател Анте Томиќ (51) е еден од деветмината писатели, уредници и издавачи кои се гости на 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ кој синоќа беше отворен во Даут пашин амам во Скопје и ќе трае до 22 септември.

Токму во негова чест, вечерва во 20 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“. Томиќ, Миљенко Јерговиќ и Александар Прокопиев ќе зборуваат за филмот чиј режисер е Рајко Грлиќ. Проекцијата на филмот е дел од програмата на „ПРО-ЗА Балкан“.„Устав на Република Хрватска“ е добитник на повеќе од 30 награди, а епизодна улога толкува и македонската актерка Јелена Јованова-Периќ.

Томиќ работи како новинар за „Јутарњи лист“, а како писател досега има напишано четири романи: „Што е маж без мустаќи“, „Ништо не треба да нè изненади“, „Љубов, електрична енергија, вода и телефон“ и „Чудо во Поскокова Драга“. Има објавено и збирка раскази, две книги со фељтони и две книги со колумни. Пишува и сценарија за филмови и тв-серии…

Гостин сте на Про-За Балкан, која се одржува по деветти пат. Фестивалот го организира мала група полна со ентузијазам која ја сака и ја цени квалитетната книжевност. Вреди ли денес добрата литература, вреди ли да се пишува?

ТОМИЌ: Не знам на кои вредности целите. Ако ве возбудуваат материјалните вредности, богатството, луксузот, угоден живот, книжевноста не е за вас. Многу повеќе ќе заработите како угостител или шверцер. Или пак ако формирате политичка партија, црква или разбојничка банда. Дури и со козметички салон со солариум и наградба на вештачки нокти многу повеќе се заработува отколку со пишување книга. Пишување книга е за губитници и за оние кои мечтаат, кои сонуваат. Но, пишувањето книга е со радост. Има многу жени кои се вљубуваат во писатели. Слепо ги обожаваат, верни им се до гроб иако писателите, без исклучок, се саможиви и студени чудовишта кои воопшто не се грижат за нивните потреби. Ако има таков кој не е ѓубре, тој едноставно не е писател. Жените кои мечтаат за љубовна среќа со писател, мора да знаат дека веојатноста за тоа не е поголема од веројатноста дека ќе имаат долг и стабилен брак со убиец кој е осуден на доживотен затвор. Но, сега се одалечив од темата. Кое беше вашето прашање?

На ПроЗа Балкан сте дел од едно одбрано друштво, не знаеш кој од кој е подобар писател. Дали тоа значи дека во регионот професијата писател е уште пожелна, посакувана, ценета да речеме?

ТОМИЌ: Се лажете. Книжевниците се обично непотребни, излишни. Животот на многумина би бил потполно ист, ако во светот нема книжевност. Ако ненадејно, на таинствен начин исчезнат сите романи, драми, комедии, книги есеи и збирки поезија, поголемиот дел од луѓето нема ни да забележат дека се случило ништо особено. Дури и на многу наши претседатели и министри не би им недостигала книжевноста. Од друга страна пак, на многумина не би им недостигале ниту претседатели, ниту министри. Тие се уште понепотребни, излишни од писателите и книжевноста, а подобро се платени.

Хрватска не е сосед на Македонија, но сепак, се чувстуваме некако блиски, читајќи ги вашите книги и колумни. Дали можеби искуствата на Македонците и Хрватите се исти?

ТОМИЌ: Тоа е необично. Веќе триесет години ја нема земјата во која некогаш бевме заедно, но ние не се одалечивме. Иако националистите нè уверуваа дека сме различни, несроедни и дека ќе ни биде подобро без другите јужнословенски народи, ние нешто многу не напредувавме. Напротив, по сите показатели, во сите подрчја, економски, политички, културни, сите отидовме назад – во рикверц. Еднакво живееме во некои бесмислени, дисфункционални држави без иднина.

Дали уште размислувате да си отпечатите визит-картички на кои ќе пишува „познат хрватски писател“. Сакавте да бидете нешто друго?

ТОМИЌ: Никогаш не сум имал визит-карта, но, кога би ја имал, веројатно секој ден би ја менувал содржината, она што би пишувало на неа. ‘Познат хрватски писател’ е само еден од безбројните наслови кои ме привлекуваат. Во зависност од приликите, би сакал, на некој непознат да му дадам правоаголно парче картон на кое би се претставил како ‘авантурист и алкохоличар’, ‘развратник и безбожник’, ‘композитор и диригент’, ‘поларен истажувач’, ‘индијански поглавар’, ‘светилник на мирот’, ‘црногорски јунак’, ‘македонски револуционер’, ‘патријах на Српската православна црква’ или само едноставно, кратко ‘идиот’.

Разговараше: Александра М. Бундалелвска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.