Македонскиот поет, есеист, литературен критичар, професор, научен работник и поранешен најдолгогодишен во историјата претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Веле Смилевски упати отворено писмо до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов по повод проектот „Култура во време на корона“. Во продолжение го пренесуваме писмото во целост.

Отворено писмо до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов

КАРИКАТУРА ОД КУЛТУРА

Господин градоначалник на Скопје Петре Шилегов,
Вчера започна проектот на град Скопје „Култура во време на корона“ со цел, како што се наведува во решението за него, да им се помогне на уметниците и да се организира забава за граѓаните додека трае полицискиот час. Не се сомневам дека идејата за проектот е добронамерна. Но, во суштина, ваквиот начин на презентирање на културата со цел да се спасат „ранливите“ категории меѓу уметниците (оние што се без плата) и да им се помогне на оние што се затворени дома (кои совесно ги почитуваат мерките за изолација), има многу иронија и сарказам, има многу проценти на потценувачки однос кон културата, кон уметниците, кон консументите на културните вредности. Размислете дали е добро да ги качувате уметниците по покриви, да ги пикате во подруми и гаражи, да ги седнувате на огради и да ги легнувате на тревници меѓу зградите за да им ставете в рака по 14.500 денари! Овој чин е непримерен за едно хумано општество кое се грижи за културата и уметноста. Бидете разумни и ослободете се од стапицата на оваа импровизација која прави карикатура од културата. Седнете со вашите советници, размислете и најдете разумно решение со цел, со средствата со кои располагате, на најубав можен начин да и помогнете на културата. Ова не е време за парадирања. Ова е време кога треба да покажеме дека и во ненормални услови можеме да останеме нормални.

16 април, 2020. Веле Смилевски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.