На 10 декември во камерната сала на Филхармонија, нашиот пијанист Дино Имери ќе одржи концерт со наслов „Зимска Бајка“.

Концертот е всушност збогатување на празничната атмосфера и одлична можност за подигнување на новогодишното расположение, информираат од организаторот „Баги комуникации“.

Концертот симболично ќе започне со делото „Декември“ од Петар Илич Чајковски, а ќе продолжи со фрагменти од „Оревокршачка“. Потоа настапот ќе продолжи со делото на Сергеј Рахмањинов „Прелудиум во g-moll“, Франц Лист – „Унгарска Рапсодија бр.2“, Јохан Штраус помладиот со неговата „ТричТрач Полка“ и „Ла Валс“ на Морис Равел.

Искрено и длабоко верувам дека генијалната музика на големите автори кои ќе бидат дел од програмата ќе ги стопли срцата на сите присутни и барем за миг заедно ќе ја пронајдеме магијата и мистеријата на зимата. Со радост и нетрпение ја очекувам средбата со мојата домашна публика, непосредно пред моите настапи во неколку европски престолнини“, вели Дино Имери.

Тој важи за еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.

Концертот е со почеток во 20 часот а влезниците можат да се набават преку продажната мрежа на „Купи Карти За Се“, „Југотон“ како и онлајн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.