Младински културен центар (МКЦ) и кино „Милениум“ од 23 до 27 јули организираат бесплатни филмски вечери кои ќе се одржуваат во паркот на МКЦ. На ова прво издание на Кино на трева, кое е во склоп на програмата на настанот „МКЦ за Скопје“ ќе се прикажат вкупно пет филма.

Ќе биде обезбеден превод на македонски јазик, на вас останува да си обезбедите место за седење со камперски столчиња или некое постаро ќебе за седење на трева. Сите проекции почнуваат во 21 часот, освен проекцијата на 26 јули која ќе започне по полноќ, соопштија од МКЦ.

Кино на трева почнува на 23 јули со „Студена војна“ на Павел Павликовски. Филмот зборува за страсната љубовна приказна помеѓу двајца луѓе, кои поради нивното различно потекло и карактери на прв поглед делуваат неспоиво, но сепак се судбински предодредени еден за друг. Сместен во времето на студената војна во педесеттите години на минатиот век во Полска, Берлин, Југославија и Париз, филмот опишува една невозможна љубов во невозможни времиња.

На 24 јули е „Догмен“ на Матео Гароне. Марчело, ситен и нежен професионален грумер на кучиња, ќе се најде вовлечен во опасна однос на потчинетост кон Симоне, поранешен боксер насилник, кој го тероризира целото соседство. Во обид да си го поврати достоинството, Марчело ќе се реши на неочекувано одмазничко дело.
Следниот ден на 25 јули, четврток е „Лоро“ на Паоло Сорентино, филм кој говорои за животот на Силвио Берлускони. Сместен главно во неговата луксузна резиденција на Сардинија, филмот преку делумно фиктивни настани ни ги прикажува личноста на Берлускони, неговата политичка кариера, скандалите, односот со сопругата и неговото двозначно наследство. Насловот „Лоро“ на италијански значи „Тие“, но исто така претставува и игра на зборови со l’oro што значи „злато“.

На 26 јули е „Ослободување на Скопје“ чии режисери се Раде и Данило Шербеџија. Филмот е сместен во времето на Втората светска војна. Низ очите на 11 годишниот Зоран ги гледаме страдањата и хоророт на луѓето кои поминуваат низ војната. Додека неговиот татко е партизан кој се бори против германците, неговата мајка, Лица, започнува љубовна афера со германски офицер.

Кино на трева завршува на 27 јули со „Граница“ на Али Абаси.
Граничарката Тина има неверојатна способност да препознае криумчарење. Еден ден од траектот се симнува сомнителен човек, кој не може да го прочита. Кога нема да успее да дознае што крие, таа се опседнува со него и неговата вознемирувачка аура. Започнува истрага што ќе ѝ открие повеќе од очекувањата: наскоро ќе мора да се соочи со застрашувачката вистина за себеси и човештвото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.