Првите две локации на кои стигна магаренцето на „МакеДокс“ на своето 12-то патешествие со Патувачкото кино беа Кратово на 25 јуни и селото Шлегово на 26 јуни.

Фантастичниот планински предел во кој се вгнездени овие две места ги исполнува очите со чиста и недопрена природа и ја смирува душата.

Синеастичката возбуда, секако, дојде со проекциите на документарни филмови пред љубопитната и гостопримлива публика, која очите не ги тргна од филмското платно. Награда за екипата на „МакеДокс“ беше што дури и пред крајот на проекциите дел од публиката си носеше столчиња од околните куќи за да си дозволи филмско задоволство што никогаш претходно не го имале во својот двор.

Во Кратово, гратче кое самото е извор на голем број средновековни и современи приказни, а помеѓу кулите, мостовите и подземните тунели е распната богата историја, проекцијата се одржа во дворот на Домот на културата. Само неколку километри понатаму, на патот од Кратово кон Пробиштип, во селото Шлегово проекцијата се одржа во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“, соопштија организаторите.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во текот на четири викенди во месеците јуни, јули и септември. Првиот викенд беше одбележан со јубилеј. Имено, во селото Шлегово се случи 80-та проекција на Патувачкото кино во неговото 12-годишно патешествие низ државата, а во 2019 посети и три населени места во Албанија.

Следниот викенд (2 и 3 јули) Патувачкото кино ќе се смести во Домот на младите во Штип, каде, покрај програмата за најмладата публика, во форма на авторски вечери ќе бидат прикажани документарни филмови на Сашко Потер Мицевски.

Проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.

Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Протокол за публиката:

– Задолжителна дезинфекција на раце, на влез, за секој посетител;

– Задолжително мерење на температура на влез, за секој посетител.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.