„Паразит“ го победи македонскиот документарен филм „Медена земја“ и го освои Оскарот за најдобар странски филм на доделувањето на најпрестижната филмска награда кое се одржува во театарот „Долби“.

„Паразит“ е прв филм од Јужна Кореја кој доби Оскар во оваа категорија.

Останати конкуренти на „Медена земја“ му беа „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и „Болка и слава“ од Шпанија.

„Медена земја“ претходно не го освои Оскарот во категоријата најдобар документарн филм каде што исто така беше номиниран. Во таа категорија победи „Американска фабрика“.

Авторите на „Медена земја“, режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и протагонистката во филмот – пчеларката Хатиџе Муратова, се на свеченоста на 92. доделување на најпознатата филмска награда во светот.

„Медена земја“ влезе во историјата откако на 13 јануари годинава доби две номинации за Оскар. Никогаш досега документарен филм не бил номиниран во категоријатата за најдобар странски филм. Со тоа „Медена земја“ стана дел од светската филмска историја.

Филмот на Котевска и на Стефанов е само трет македонски филм воопшто кој бил номиниран за Оскар. Тоа досега им успеало само на краткиот филм на Столе Попов „Дае“ и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.