Оваа година е напуштен принципот „по малу за сите“ бидејќи таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста. Верувам дека културната јавност ќе го препознае овој напор, изјави денеска министерката за култура Ирена Стефоска која ги презентираше резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области.

Не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите децениски наталожени проблеми. Оттука промените во овој конкурс се само првиот пионерски чекор кон усовршување на целиот систем, нагласи министерката Стефоска, која рече дека со соопштување на резултатите се доцни од објективни причини – работа во ковид услови и намален буџет од три милиони евра, поради, како што рече, поранешни нерегуларности со кои сега се занимаваат надлежните институции.

Стефоска рече дека првпат се доделуваат толку пари колку што има на располагање буџетот на Министерството. За распределба на 11 милиони евра, пристигнале рекордни 6.352 апликации.

Дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш нелегитимни, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот, па така на разни начини се протнуваат низ дупките во системот – еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, консултантни, учесници во манифестација, членови на жири комисии, во групен проект. Исти лица си конкурираат самите на себе и така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние кои аплицираат со копи пејст проекти, кои изминатите години биле веќе поддржани. Во ваков сложен и проблематичен контекст и комисиите и јас како министерка зазедовме став за суштинска позиција да се обезбеди одговорно, транспарентна и праведна дистрибуиција на парите на даночните обврзници за културата, рече Стефоска.

Дел од апликантите вклчучително и националните установи, според министерката, побарале непристојно големи суми, а дел побарале средства за проекти кои заради ковид рестрикциите тешко дека ќе можат да се реализираат.

Акцентот е ставен врз квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност на животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни творци, на ранливи маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот.

За првпат, според Стефоска, одобрени се солидни средства за заштитата на нашето културно наследство.

Добар дел од другите корисници и националните институции имале неадеквантно и нецелосно пополнети апликации. Нагласи дека мора да се работи на високата свест за взаемна отчетност за трошењето на секој денар.

Таа апелираше до Собранието што побрзо да го донесе новиот закон за јавен интерес во културата кој го очекуваат 3 500 културни работници. Роковите за корисниците оваа година, нагласи, ќе бидат пролонгирани за да имаат време да си ги реализираат проектите.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека исплатите во однос на годишните проекти од минатиот конкурс, Министерството за култура ќе ги направи до последен денар и замоли за трпение додека институциите си ја завршат работата. За проектите годинава, рече дека е организирана целата работа многу побрзо да се склучат договорите со корисниците и да се изготват решенијата.

Претседатели на комисиите кои ги разгледувале пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска и за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.