Ова е идеално време за филмови, но се плашам дека нема публика за нив. За добри филмови треба култивирана публика, а денес е тешко таа публика да се извади од бункерот во кој е скриена пред налетот на тривијалноста, вели прославениот хрватски автор и филмски режисер Рајко Грлиќ.

Грлиќ е гостин на јубилејното, 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој синоќа се отвори во Даут пашин амам во Скопје. На отворањето беше претставено творештвото на Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Елена Алексиева, Владислав Бајац и Томислав Османли. Годинашната добитничка на наградата за авторски придонес во балканската литература е Оливера Николова.

Во книжарницата „Буква“ вечерва во 20 часот ќе биде организирана средба и разговор со Грлиќ, што ќе го води Александар Прокопиев. Расказ од Грлиќ ќе чита актерот Петар Арсовски. Во рамките на придружната програма на ПРО-ЗА Балкан, на 21 септември, в среда во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Караула“ на Грлиќ.

Грлиќ (75) го снимил својот прв аматерски филм на 14 години, а на 27 години ја добил првата награда. Студирал во Прага од 1967 до 1971 година, нурнат во интелектуалните и политичките превирања на тогашната Прашка пролет како член на студентскиот штрајкувачки комитет на Универзитетот во Прага за време на Советската окупација. Грлиќ е автор на култните филмови: „Само еднаш се љуби“, „Браво маестро“, „За среќа се потрбни тројца“, „Чаруга“, „Караула“, „Устав на Република Хрватска“.

Кога последен пат бевте во Македонија? Што правите кога доаѓате во Скопје? Имате некој ритуал?

ГРЛИЌ: Последен пат бев во Скопје пред три години, во јуни 2019 година, кога Кинотерка на Македонија приреди ретроспектива на моите филмови. Како непоправилв груман, секогаш кога доаѓам во Скопје прво одам до Бит Пазар да видам што се нуди и да купам некои зачини.

Дали за Вас филмот сè уште е број еден, пред телевизиските серии? Тие стануваат погледани во однос на филмот. Дали значи дека луѓето немаат трпение за гледање филм или пак не можат да дозволат да уживаат 120 – 150 минути?

ГРЛИЌ: Јас сум дете кое порасна во кино и животот го поминав правејќи филмови за во кино. Магијата на големиот екран и салите кои во темницата дишат со тој екран не можат да ги заменат никакви телевизиски екрани и каучи. Сериите може да бидат одлични, вистина, има многу сјајни серии, но тоа едноставно е друг род, друга игра која тешко може да се спореди со филмот.

Каков е денес хрватскиот филм, а каков е македонскиот? Каде го гледате квалитетот?

ГРЛИЌ: Не можам да зборувам за квалитетот на хрватскиот и на македонскиот филм бидејќи имам слаб преглед во нивната кинематографија. Откако не одбирам филмови за Филмскиот фестивал во Мотовун (Хрватска) мојот увид во целокупната продукција на територијата која некогаш се викаше Југославија, е многу слаб.

Но за да не биде мојот одговор на ова прашање многу општ, можам да кажам дека од она што сум го гледал доминираат таканаречени „арт-фимови“. Но тоа не значи дека сите тие филмови се „уметнички“, туку дека новата генерација режисери и режисерки, а меѓу нив има многу талентирани, сè помалку се грижат за киното и гледачите. Ним им се важни само фестивалите. На мојата генерација фестиивалите ѝ беа важни, бидејќи беа отскочна даска за кино. Фестивалите нам ни беа средство, а не цел.

Како го поминавте овој период на коронавирусот, колку пандемијата влијаеше на Вашиот живот?

ГРЛИЌ: Сета несреќа која падемијата ја донесе со себе и од корен ни го смени начинот на живот, јас, иако можеби е непристојно тоа да се каже, од неа имав корист. Останав во истра, уживав во природата и сите нејзини богатства полни 16 месеци и притоа предавав онлајн на својот американски универзитет.

Европа и светот се разединуваат, а Балканот се обединува. Како гледата на идејата „Отворен Балкан“ и соработка со балканските држави?

ГРЛИЌ: Долго време живеевме заедно во една држава, која не беше идеална. Но денес, после многу трагичното искуство со државите кои настанаа по нејзиното крваво распаѓање, нам ни се чини дека таа држава беше многу подобра отколку што навистина била. И има причини зошто тоа било така. Овие национални држави покажаа дека се многу незрели да бидат сериозни држави. Затоа не верувам во нивното „политичко обединување“, бидејќи помалку или повеќе, во секоја од нив владее национализам кој живее од тоа да има „непријатели“, а тоа обично е првиот сосед. Политичарите живеат од таа омраза и не гледам што е она што би ги натерало да се обединат и на тој начин да се откажат од своите феуди и својата кралска круна.

Културата е нешто друго. Мали сме, секоја култура е за себе, многу сме мали и тешко преживуваме во тоа мало море. Во Југославија, како и денес, луѓето од културата и уметноста, без разлика на својата различност, имаа потреба за меѓусебен дијалог, за заедништво. Уметноста и тогаш и сега градеше или барем се трудеше да гради мостови, политиката ги рушеше. И денес се плаши од секаков отворен дијалог.

Рајко Грлиќ со Небојша Глоговац на снимањетоо на филмот „Устав на Република Хрватска“

Какво е времето во кое живееме? Дали секое време е добро за снимање фим?

ГРЛИЌ: Ова е идеално време за филмови, но се плашам дека нема публика за нив. Минимализирањето и банализирањето на културата, нејзиното поттиснување на маргините на општеството вроди со огромен бран на примитивизам и површност. За добри филмови треба култивирана публика, а денес е тешко таа публика да се извади од бункерот во кој е сокриена пред налетот на тривијалноста.

Хрватска е мала земја, а политиката е многу голема. Истото важи и за Македонија. Во Македонија луѓето ја напуштаат државата или се сложуваат со политиката. Да се живее независен живот е многу тешко.

ГРЛИЌ: Малата Хрватска во последните 10 години изгуби 10 отсто од жителите. 99 отсто од оние кои заминаа се школувани и високообразовани луѓе кои, според анкетите, не заминале примарно од економски причини, туку, едноставно, не сакале децата да им растат во држава во која владеат крадци и корупција.

Тоа дури не е ни идеолошко прашање, или прашање за несложување со нешто, туку едноставно одвратност кон системот кој ја загуши Хрватска. ХДЗ, владејачката партија и католичката црква станаа два крлежии во телото на Хрватска кои цицаат крв од неа, а луѓето едноставно бегаат од тоа.

Јас тоа го направив во 1994 година. Кога сфатив дека поради моето гледање на нештата не само што нема да можам да снимам филмови, туку едноставно ќе останам гладен.

И покрај сите потешкотии Вие траете. За Вашите филмови се зборува, генерации учат од нив. Кој е рецептот?

ГРЛИЌ: Би било одлично да има рецепт за тоа. Можеби тоа е мешавина од верување дека тоа што го правите има некакво значење, бескрајна упорност и малку среќа. Верувам дека целата мудрост лежи во тој Бермудски триаголник.

Зошто некој филм ќе преживее, ќе се зборува за него, а некој не? Што е тоа што некој филм го прави добар?

ГРЛИЌ: Тоа е метафизичка појава за која нема рационално објаснување. Понекогаш верувам дека одговорот на тоа прашање лежи во кредибилитетот на актерите. Ако тие се „вистински“ во филмот, ако им веруваа на тие лица на екранот, тогаш и денес им верувате и ќе им верувате десет години од сега. Ако тие лица се и малку лажни, ако се обидуваат да бидат нешто што не се, односно ако те лажат, ништо не му помага на филмот, ниту фантастична приказна, ниту одлична режија, ниту бравурозна камера.

Подолго време работите на, како што најавивте, последниот филм во кариерата, симболично наречен „Сè доаѓа до крајот“. Навистина е крај? Ништо не може да Ве предомисли?

ГРЛИЌ: Сè уште не знам дали ќе го снимам последниот. Полека собираме пари низ Европа. Бевме во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Турција. Двапати нè поминавме во Македонија и покрај одличната соработка во филмот „Уставот на Република Хрватска“. Сега ги чекаме резултатите во Словенија и потоа одиме во „Еуроимаж“. Подготовките треба да се одвиваат во мај и јуни, а снимањето некаде на почетокот на септември. Држете ни среќа, чукнете во дрво и напијте се една жолта за нас!

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.