Синоќа, на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворено 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. На официјалниот дел одлично предвестие беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите, во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) од Скопје.

Актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, добитници на наградата за животно дело, ѝ се поклонија на прилепската публика. Во емотивните говори тие се заблагодарија на публиката, истакнувајќи дека без неа, тие немале да бидат она што се денес.

Сум рекол многупати, а особено тоа го сфатив кога додека бев уметнички директор на фестивалот, дека прилепчани си го чуваат фестивалот како во кожурец. Сите заедно сте заслужни за оваа голема театарска манифестација која во оваа вечер со голема гордост и успех зачекорува во вториот дел од своето столетие и се надеваме дека сите години ќе бидат волку убави. Или како што рекол Цепенков: Да бидете здрави и живи, да сме здрави дур сме живи, да сме живи дур сме здрави! – рече Темелковски.

Сите заедно сте заслужни за оваа голема театарска манифестација, рече добитникот на наградата за животно дело, актерот Петар Темелковски

Во моите 43-4 години професионална актерска дејност, сум имал можност многупати да настапам на овој Фестивал и најголем впечаток ми останува тоа што публиката што доаѓа знае кога како и каде да реагира. Да не бевте вие, публиката, немаше ниту ние да бидеме тоа што сме. Затоа ве поздравувам, уште долго да трае и на вас публиката длабоко ви се поклонувам, рече Петар Мирчевски.

Петар Мирчевски: Најголем впечаток ми останува тоа што публиката што доаѓа знае кога како и каде да реагира

На свеченото отворање му претходеше отворање на ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот.

„Од првиот момент кога Собранието на фестивалот ме избра за уметнички директор и претседател на собранието, почнав да ја креирам сопствената визија за тоа како сакам овој фестивал да личи. Со фестивалот растев, од фестивалот го учев и засакував театарот, за фестивалот се градев во својата професионална област. За мене Прилеп секогаш ќе биде првата слика за фестивалот и фестивалот ќе биде првата слика за Прилеп. Затоа нема многу да ги користам зборовите, се надевам овие емоции на благодарност ќе дојдат до секој еден од вас што помогна да ја остварам мојата визија. Сите предизвици, несогласувања, прилепскиот инает, емотивниот поетски крик во мене, сериозниот театролог, трпеливоста на професорката, се претопуваат во благодарноста и радоста што сме денес овде“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Прва претстава од официјалната програма на фестивалот синоќа беше изведена „Нема струја за електричниот стол“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.

Програма за сабота 10 јуни

Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски вечерва во 19.30 часот на нивната матична сцена. Половина час претходно, во холот на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на костими и фотографии на Благој Мицевски, на која ќе бидат изложени костими од претставата „Тартиф“ на Народниот театар од Битола, како и странски проекти.

Актерката Ангела Стојановска во 17 часот, во кафе-бар „Лувр“ ќе го изведе перформансот „Срам“ во продукција на „Тиит! Инк.“, а реализирана во соработка со режисерот Милош Андоновски и драматургот Ева Камчевска.

Денеска во 12 часот е закажана и првата тркалезна маса, на која ќе се разговара со тимот на велешката претстава „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, со која беше отворен фестивалот.

Во 23 часот следува настапот на студентите од Факултетот за драмски уметности, со нивна дипломска претстава.

Од денеска во рамките на фестивалот е достапна и аудиособа во која публиката може да слушне театарска музика на македонски композитори.

фото: МТФ Војдан Чернодрински



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.