Со претставата „Карневалот е на Корча“ од Косово, вчера во Театар Комедија започна 13-тото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи фестивал“.

На отворањето на фестивалот присуствуваше и министерот за култура Хусни Исмаили кој во своето обраќање пред публиката истакна дека негувањето на овој фестивал претставува можност публиката да ја проследи активноста на актерите од земјава, но и на гостите од: Србија, Косово, Русија, Бугарија, Словенија, кои преку театарските дела ќе ни донесат нешто ново и поинакво на нашата културна сцена.

Тој додаде дека Министерството за култура, препознавајќи го значењето на фестивалот кој претставува творечки импулс во областа на театарското творештво, ја дава својата поддршка за негова реализација.

„Како министер за култура, сакам да го изразам моето уверување дека Министерството за култура и во иднина ќе ја поддржува реализацијата на овој фестивал кој дава голем придонес во унапредувањето на соработката со театрите од регионот, но и, генерално, во продлабочувањето на културните врски со другите држави“, посочи Исмаили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.