Патувачкото кино на „МакеДокс“ по проекциите минатиот викенд (9 и 10 јули) во Кочани и Оризари, со што се изодени три-четвртини од годинашното патешествие, следниот кино-викенд го најавува за 3 4 септември во Виница и село Пекљани. Во меѓувреме, од 19 до 26 август, претстои 12. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје.

Проекцијата на Патувачкото кино во Кочани се одржа во паркот пред Домот на културата „Бели мугри“, непосредно до течението на Кочанска река и практично беше дел од тридневна културна програма во која, покрај проекцијата на документарни филмови, беше отворена ретроспективна изложба на македонски носачи на звук, концерт на групата „Суперхикс“ и летна регионална берза на винили. Со тоа, според МакеДокс, Кочани минатиот викенд беше културен центар на Истокот.

Непосредно до Кочани се наоѓа Оризари за чии мештани не е новост да бидат присутни на кинопроекција, бидејќи и самите имаат киносала во здружниот дом, но, додаваат од МакеДокс, нивното кино не работи веќе со години, а Патувачкото кино на „МакеДокс“ беше можност барем во една вечер да се потсетат на некои минати времиња. Во реализацијата на проекцијата што се одржа во дворот на детската градинка „Кокичиња“, екипата на „МакеДокс“ имаше срдечна поддршка и од тамошното основното училиште „Крсте П. Мисирков“.

Следниот кино-викенд на Патувачкото кино ќе се одржи на 3 и 4 септември во Виница и с. Пекљани, а во меѓувреме, од 19 до 26 август, ќе се одржи 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје. На вебсајтот и на ФБ-профилот на „МакеДокс“ веќе може да се најдат отворениот повик за волонтери, како и повикот за продуценти/автори на документарен филм за учество на МакеКоПроДокс форумот за 2021 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.