Од денеска до 11 октомври годинава е отворен повикот за учесниците на аматерската филмска работилница „ОКО“. Работилницата за семејни разговори и филмски креации ќе биде под водство на режисерката Марија Џиџева, а ќе се одржи од 14 до 16 октомври 2022 година во просториите на Културно социјален простор Центар-Јадро, Скопје. Темата е ручек.

Заинтересираните треба да испратат е-маил со податоци на: [email protected] Повикот е за деца од 8 до 12 години и на работилницата ќе можат да учествуваат првите шест екипи кои ќе се пријават.

Концептот на работилницата е формирање на семејни екипи составени од два члена (дете и родител/старател, дедо или баба…) и преку заедничко учење, гледање филмови, разговори и дружење, секоја екипа да создаде своја филмска приказна.

Филмот треба да е инспириран од семејните ручеци, културата на готвење или неготвење, храната како сврзно ткиво и дружење, како игра на откривања и реоткривање на вкусови и мириси на животната радост и на новите предизвици, и сл. За учество во работилницата не е потребно никакво предзнаење или техничка опрема, соопшти Културно социјален простор Центар-Јадро, Скопје.

Работилницата ќе заврши со финален настан со проекции на филмските приказни во Центар-Јадро, како дел од „Фестивалот на заедницата“, кој ќе одржи од 3 -5 ноември 2022 година.
Марија Џиџева ќе ја реализира работилницата заедно со филмологот Александар Трајковски.
Оваа работилница е дел од годишината програма на Центар Јадро за 2022 година и е реализирана со финансиска поддршка од од Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.