Постојат личности кои со своето големо и несекојдневно дело, со својот надчовечки труд, лична храброст и напор, успеале да ги натфрлат вековите, засекогаш вгнездувајќи се во најсветлите анали на народната меморија!, рече меѓу другото градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски на денешното свечено отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“.

Постојат и настани кои заради нивното далекусежно значење, претставуваат моќен сведок за славни херојски времиња кога народот цврсто обединет под знамето на доброто ги извојувал најголемите победи!

Таквите личности не се некакви имагинарни ликови што постојат само во книжевните дела или пак се особеност само на некои далечни историски периоди или пак само на некои други заедници.

Напротив!

И ова свето место, овој наш роден крај – каде Господ ги излеал своите најголеми дарови – има чест и гордост да сведочи за човек кој го посвети целиот свој живот за остварување на длабоко хуманиот, вонвременскиот и секогаш современ вевчански идеал, одважно водејќи тешки долгогодишни битки од полза за нашето Вевчани!

Како вистинска драгоцена реткост – како најсјаен бисер на колективното народно богатство – предводејќи го народот на Вевчани, овој човек прерасна во вистински народен трибун чиј лик и дело буди неизмерна количина на восхит, на силни емоции, на голема радост, на љубов… и на солзи!

Затоа, денес, на денот кога одбележуваме 30 години од создавањето на вевчанската република која беше негов производ, со гордост објавуваме дека реновираниот објект на старата училишна зграда гордо во децениите што следуваат ќе го носи името на КОСТА СРБАКОСКИ!

Драги пријатели,

Оваа институција е производ на една длабока визија, на Вевчани да му се подари место во кое ќе пулсира оптимизмот, напредокот и развојот на нашата заедница!

Истовремено, оваа институција е производ и на силната и длабоко човечка потреба оваа заедница искрено да му се заблагодари и да му се оддолжи на КОСТА СРБАКОСКИ – БЕЗ СОМНЕНИЕ – НАЈВАЖНАТА ЛИЧНОСТ ВО НАШАТА НАЈНОВА ВЕВЧАНСКА ИСТОРИЈА!

Овие две премиси денес се отелотворуваат како вистина и како чест за да сведочат за секогаш дека нема ништо посвето и не постои ништо позначајно од добрата мисла и од личната храброст да се даде сé за иднината, за просперитетот и за развојот на оваа грутка македонска земја која нé родила и во која живееме!

Во духот на единството и на космополитизмот на Коста Србакоски, сакам да изразам голема благодарност и за единството што беше манифестирано во Советот на општина Вевчани кога советниците од сите политички партии едногласно ја поддржа оваа моја идеја, на седницата што ја одржавме на 15 декември 2022 година.

Така како што заеднички беше реализирана оваа дамнешна идеја за осовременување на просторот во кој некогаш работеше и самиот Коста, така нека биде прифатен од сите аманетот да го сочуваме, унапредиме и развиваме новиот мултикултурен центар, како и ликот и делото на Коста Србакоски.

Драги пријатели,

Идејата за создавањето на грандиозниот објект започна да се реализира во 2015 година кога беше изработен идејниот проект и беше успешно завршен сложениот процес на апликација и конечно одобрување на средствата за негово адаптирање, реновирање и осовременување!

Денес, пак, седум години подоцна, со чувство на голема гордост, го објавувам пуштањето во употреба на „Мултикултурниот центар Коста Србакоски“!

Станува збор за модерен мултифункционален објект со корисна површина од 1400 м2.

Во него се веќе опремени големата конгресна сала, повеќе сали за семинари, музејски простории, просторија со опреми за функционално уредување на мултимедијален туристички центар, како и простории со други придружни, главно спортски содржини.

Сé на сé, станува збор за еден – во вистинска смисла – модерен објект кој во себе ги задржал архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но истовремено има добиено и нова функција, соодветно на новите потреби.

Меѓутоа, овој простор ќе ја добие својата вистинска смисла и значење само тогаш кога во целост ќе пулсираат сите негови содржини.

Свесни за тој факт, како нова општинска администрација, уште од првиот ден, воспоставивме контакти со амбасади на големи и важни држави.

Дел од нив ќе бидат наши гости за време на деновите од карневалот и ќе имаат можност одблизу да се запознаат со капацитетите на „Мултикултурниот центар Коста Србакоски“!

Заеднички интензивно работиме за да креираме содржини кои ќе му дадат вистинска смисла и важност на овој објект!

Имаме големи планови и веруваме дека ќе успееме!

Знам дека на Вевчани му подаруваме уште една знаменитост која дополнително ќе ја зајакне и ќе ја унапреди вредноста на ова наше вековно место.

Драги пријатели,

Да создаваме дела и да го јакнеме единството бидејќи само така ќе можеме да кажеме дека сме го исполниле аманетот на нашите предци!

Да го јакнеме и љубоморно да го чуваме вевчанскиот идеал, барем приближно онака како што тоа го правеше Коста Србакоски.

Да продолжиме да бидеме место кое е пример во залагањата за уште повеќе слобода и за уште повеќе демократија, така како што веруваше Коста Србакоски.

Колку што е значајна оваа градба, толку нека биде значајно делото на овој претставник на најдоброто од Вевчани.

Колку што ќе биде корисна и од полза оваа институција која започна да постои, толку нека биде големо и долговечно сеќавањето на најголемиот современ трибун на Вевчани.

Колку што ќе биде потрошен труд за да се исполни во целост мисијата на Мултикултурниот центар, толку многу и уште повеќе нека се шири во светот вистината за големото дело на Коста Србакоски.

Да се сеќаваме на најдоброто од нас и да продолжиме да ги испишуваме најсветлите страници на вевчанската историја.

Да си подадеме рака и заедно да освојуваме нови врвови на развојот, на слободата и на демократијата.

Да гледаме храбро напред, следејќи го примерот на сите знајни и незнајни Вевчанци кои се вградија во темелите на Вевчани.

Нека се раѓаат најдобрите идеи во овој објект кој денес го пуштаме во употреба и нека биде вечен споменот за Коста Србакоски!

 

Голема благодарност изразувам за:

– Изложбата на уметнички слики од Аница Ќитаноска, Никола Угриноски и Владимир Младеноски;

– За културно уметничкиот програм на КУД ,,Дримкол“ – Вевчани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.