Поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ почна синоќа и ќе трае до 30 август со редуциран број учесници поради пандемијата на Ковид-19.

Околностите дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, заради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.

Специјално видео обраќање, како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60. издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен Златниот венец, заедно со лауреатот за 2021 година.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во редуцирана форма во периодот од 28 до 30 август, но ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, која ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем поети од земјава и од странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.