Oтворање на мобилната библиотека „READ on wheels“ во рамките на регионалниот проект Регионална Мрежа за Културна Разновидност – РЕАД поддржан од Европската Унија.

Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка – Лоја (Македонија), Instituti I Librit dhe i Promocionit (Албанија), Kalem Culture Association (Турција), Krokodil (Србија), Qendra Multimedia (Косово)

Една од целите на проектот – Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД) е да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање особено кај младите, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот. Ова вклучува воспоставување и работење на подвижна библиотека која ќе патува во петте партнерски земји.

“READ on wheels” (РЕАД на тркала) е регионална мобилна библиотека опремена со книги, и други материјали од земјите на проектните партнери. Мултикултурната и мултилингвалната мобилна библиотека ќе патува низ Македонија, Косово, Србија, Албанија и Турција во времетраење од 3 години, со особен фокус на идентификување на училишта и библиотеки и соработка со нив. Концептот на мобилната библиотека е засниван на долгогодишното искуство на Гете-институт со водење на автобуси- библиотеки или културни единици низ различни земји како на пример Франција, Египет, Либан, Јордан, Белорусија и други. Целта на мобилната библиотека е да овозможи пристап до книги, читање и културни активности за млади луѓе во помали и понедостапни рурални зедници, каде таквите активности се многу ретки или воопшто не се случуваат.

Мобилната библиотека содржи наслови од писатели од регионот и Турција. Понудената содржина е на локалните/ националните јазици кои се зборуваат во секоја држава. Со цел да се подобри ситуацијата со недостатокот од преведена регионална литература, проектот ќе инвестира многу ресурси за превод на дела од автори од регионот на јазиците од целните земји. Вклучени се исто така и светски популарни книги за деца и млади (бестселери) со цел да се привлече вниманието на целната група и да се промовира читањето.

За да се постигнат целите “READ on wheels” е специјално дизајниран и одлично опремен мини-бус и во следните 12 месеци ќе посети над 100 заедници во Македонија. Модерниот мебел и опрема ќе се употребуваат за да се создава пријатен простор, во вид на библиотека на отворено, каде ќе се организираат активности со локалното население. Тука особено до израз ќе дојде соработката со училишта и библиотеки, но посетите ќе вклучуваат и соработка со центри за деца и млади, месни заедници, локални невладини организации, културни оператори како локални фестивали, аматерски театри, соработка со писатели итн.

На 24.06.2021 г. “READ on wheels” официјално ќе ја започне својата турнеја во Теарце, тетовско и по тој повод ќе се одржи настан за отворање на библиотеката. На настанот ќе се обратат градоначалникот на општина Јегуновце, Дарко Блажески, градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, директорката на Гете-институт Скопје, Тања Кригер, проектниот менаџер, Марија Чорбева Пеновска и директорот на ЦБС Лоја од Тетово, Бујар Лума, а во продолжение ќе се одржи читање поезија и креативна работилница со учениците од ОУ Кирил Пејчиновиќ од Теарце.

Во наредните месеци мобилната библиотека на младите читатели од Македонија ќе им понуди најразлични активности:
– storytelling работилници
– презентација на нови писатели/ автори
– работилници за креативно пишување
– работилници за превод
– работилници за илустрација
– работилници за деца
– изнајмување книги
– предавања и дебати
– проектирање филмови
– театарски претстави
Повеќе информации во врска со термините и местата кои ќе ги посетува “READ on wheels” ќе најдете тука: https://www.goethe.de/ins/mk/mk/kul/sup/rea.html

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.