Во организација на Фондација „Кантарот“ во тек е научната конференција „Наука за деца”. Темата на конференцијата е популаризација на науката кај најмладите. Конференцијата се одржува под мотото „Од атом до шрафче, наука за секое главче“.

Научната конференција се одржува онлајн денеска од 15.15 до 17.45 часот.

Првиот дел од конференцијата се одржа претпладне, со работилници за деца од 7 до 12 години. Во вториот дел од конференцијата, кој е наменет за родителите, наставниците и широката публика преку два научни панела, осум истакнати македонски научници и професионалци ќе ја презентираат својата визија за иднината на образованието и научното описменување. Овој дел од конференцијата ќе се одвива онлајн на фејсбук-страницата на Кантарот.мк.

Првиот панел од 15.15 до 16.30 е посветен на учење низ игра. Модератор е д-р Тања Павлеска, истражувачка на институтот „Јожеф Стефан“, Словенија, а панелисти се д-р Бојана Стојанова, професорка на Универзитетот на Острава, Чешка, д-р Менка Стојанова, експериментална физичарка и м-р Маја Виденовиќ, наставничка во ООУ „Крсте Мисирков“ и докторанд на УКИМ.

Вториот панел од 16.30 до 17.45 е посветен на технологијата и иднината на образованието. Модератор е д-р Никола Стиков, професор на Универзитетот на Монтреал, Канада, а панелисти се Нина Геометриева, дизајнерка за корисничко искуство во Инстаграм/Мета, д-р Андреј Ристески, професор на Универзитетот „Карнеги Мелон“, САД и д-р Петар Поповски, професор на Универзитет „Алборг“, Данска.

Конференцијата е финансирана од С(ц)иеста заедницата, која ја сочинуваат над 300 научници родум од Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.