Ги издржа неправдата што му ја нанесоа кодошите, пресудата од комунистичкиот режим и затворскиот живот во Идризово, но немоќен беше пред болеста: на денешен ден пред 33 години во Скопје почина истакнатиот македонски актер Ристо Шишков.

Роден е во 1940 година во селото Мрсна, Серско, во Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко минале 4 години затвор на Крит, а во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци од Егејска Македонија. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој го минал детството и се школувал.

Шишков имал намера да студира атомска физика, но се премислил, па во 1962 година дипломирал на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума.

По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар.

Во својата кариера играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, „Води“, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, како и повеќе радиодрами. Добитник е на театарската награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.

Во 1979 година, накодошен, бил обвинет од тогашните власти за навреда на ликот и делото на Јоспи Броз Тито и осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 бил однесен во затвор.

По излегувањето од затворот по кратко боледување умира на 17 јули 1986 година во Скопје.

Во негова чест, по осамостојувањето на Република Македонија, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Артистот Шишков зад себе остави многу брилијантни театарски и филмски улоги, за кои освои голем број награда. Еве некои од нив:

Во 1967 на ФФАО во Ниш, Специјална награда за улогата во „Планината на гневот“, а на истиот фестивал во 1976 година е добитник на Повелба за машка улога во „Најдолгиот пат“.

Шишков оствари и многу улоги во филмската продукција на Македонија: 1966: „До победата и по неа“ (главна улога); 1967: „Каде по дождот“ (споредна улога); 1967: „Македонска крвава свадба“ (главна улога); 1968: „Планината на гневот“ (главна улога); 1969: „Републиката во пламен“ (главна улога); 1971: „Црно семе“ (главна улога); 1972: „Истрел“ (главна улога); 1975: „Јад“ (споредна улога); 1976: „Најдолгиот пат“ (главна улога); 1981: „Црвениот коњ“ (главна улога); 1984: „Нели ти реков“ (главна улога).

На театарската сцената го наследи неговиот син Васил Шишков кој, исто така, почина прерано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.