Ансамблот на Националната опера и балет на Република Македонија на 1 април во сабота, на Големата сцена (19:30 ч.) на Народниот театар во Белград, ќе гостува со најпознатата опера на Џоакино Росини „Севилскиот берберин“, која ќе биде изведена под режисерската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Урсула Хорнер, јави дописникот на МИА од Белгад.

Во оваа комична опера во два чина, работена според делото на Пјер Бомарше „Трилогијата на Фигаро“, во чиј фокус е приказната за љубовта, парите, заблудите и измамите ќе настапат Васко Здравков (Фигаро), Биљана Јосифов (Розина), Благоја Нацоски (Гроф Алмавива) Владимир Саздовски (Дон Базилио), Невен Силјановски (Дон Бартоло), Соња Пендовска Мадевска (Берта) и други.

Како што соопштија од Народниот театар во Белград, гостувањето на уметниците од Скопје ќе се реализира во рамките на платформата Театар Отворен Балкан.

Станува збор за стратешка културна соработка помеѓу Народниот театар од Белград, Националната опера и балет на Република Македонија, Националната опера и балет од Тирана и Македонскиот народен театар во областа на драмата, операта и балетот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.