Култните македонски дела „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од писателот Димитар Солев неодамна беа реобјавени во ново руво со специјално дизајнирани корици во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина − публикации“. По тој повод, во среда (28 април) во 19 часот, на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“, уредничката Бисера Бендевска ќе има онлајн-разговор со македонскиот писател Александар Прокопиев, кој го напиша поговорот кон „Зора зад аголот“ од Солев, а фокусот ќе биде ставен на значењето на овој писател и на овие изданија.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, голем број култни македонски дела на кои се темели нашата книжевност добија ново лице. Досега се објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго и „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев. Надополнување на оваа амбициозна едиција се делата на Димитар Солев, а во план е во иднина да се издадат уште многу дела што се сметаат за столбови на нашата литература со цел да допрат до новите генерации читатели.

Димитар Солев е роден во 1930 година во Скопје и е познат како раскажувач, романописец, драмски автор, есеист, книжевен критичар и преведувач. Бил уредник во Телевизија Скопје, директор на Македонската радио-телевизија, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Солев бил член на Македонскиот ПЕН центар, а во 1956 година станал дел од Друштвото на писателите на Македонија, каде што бил и негов претседател одреден период. Познат е по романите „Мртва трка“, „Дублер“, „Дрен“ и како (ко)сценарист и автор на многу збирки раскази.

Александар Прокопиев е македонски прозаист, есеист и поет. Работел во Институтот за македонска книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и сè уште им е ментор на постдипломците. Воедно е и основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература. За новелата „Ѕиркачот“ бил номиниран за книжевната награда „Балканика“ во 2007 година. Неговите дела се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски и бугарски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.