Македонскиот превод на делото „Мир-Божица – Ејрене“ на грчкиот комедиограф Аристофан ќе биде онлајн промовирано на 28 јануари (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Грчкиот комедиограф Аристофан напишал 44 комедии, но само 11 се зачувани, меѓу кои и „Мир-Божица – Ејрене“, која неодамна беше објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот од старогрчки јазик и предговорот на делото се на пензионираната универзитетска професорка Елена Колева и делото веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

На онлајн-промоцијата за оваа комедија ќе говорат уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Ведран Диздаревиќ и универзитетската професорка на Институтот за класични студии, Весна Томовска.

Според нововековните теоретичари, естетичари и поетолози, Аристофан е извонреден, современ поет, особено со „досегот на апсолутна слобода на духот“. Филозофот Хегел вели:

Аристофан најсилно посакува на шеговит, воедно и најзадлабочен начин, да ги изложи на потсмев своите сограѓани, заплеткани во демократски улавштини, да ги исмее тие ретори и државници и да ја изложи на потсмев бесмисленоста на војната и, пред сè, немилосрдно да ја исмее новата насока на трагедијата што ја воведува Еврипид.

Овој автор честопати си игра со познати херои и реални личности, сместувајќи ги во комични, фантазмагорични ситуации. И покрај историскиот момент, комедиите на Аристофан пулсираат со современост и универзалност – светот се менува, но „комедијата нема крај“!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.