На 21 март (сабота), со почеток во 20 часот, ќе се одржи онлајн промоција на романот „Денот кога не се разбудив“ од Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Авторот ќе се приклучи онлајн преку својот профил на „Фејсбук“. Промоцијата ќе биде интерактивна, па во меѓувреме читателите може да му поставуваат прашања.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Уредник е на интернет-страницата „Фчерашни новости“ која објавува сатирични „вести“, кои низ хумор ги коментираат дневните политички настани во Македонија.
„Денот кога не се разбудив“ е негова втора книга, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ („Арс Ламина“ 2019 г.), но e негов прв роман.

Со дебитантскиот роман „Денот кога не се разбудив“ Моџо Килингтон ги предизвикува читателите да се преиспитаат себеси и својот живот, да размислат за вистински важните работи, пред да биде предоцна.

До кај и да бев, доста ми е од седење покрај себе. Ја сфаќате поентата, сега откако умрев, сфатив дека цел живот сум го промашил, ќе се вратам за околу половина час од мртвите, како што е договорот, и ќе го сменам животот. А вие сменете го додека не стигнете до овде, да ви каже нешто дедо“, пишува авторот во романот.

Приказната во книгата се движи околу педесет и кусургодишниот Пол, кој едно саботно утро станува од спиење и во кујната гледа непознат човек, кој всушност е ангел испратен да го спроведе до рајот. Сфаќа дека е мртов и има неколку часови да реши дали ќе оди или ќе остане. Времето го користи за посета на блиските луѓе, меѓу кои и неговата најголема љубов, Мери. Чувството е поразително – неговиот живот е комплетно промашување. Дали да се врати да ги поправи работите или да замине засекогаш?

Книгата ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк“. Ќе може да се нарача и онлајн преку www.literatura.mk, каде што ќе биде со 30% попуст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.