Македонската опера и балет на 25 декември премиерно ќе го изведе балетот во два чина „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ од Хрватска, а диригент Бисера Чадловска. Чајковски во својот опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, а никогаш не искористил дело од Толстој. Но, за романтична приказна во „Ана Каренина“, која обработува вечни теми како љубов, прељуба, љубомора, одмазда, трагедија музиката на Чајковски е најсоодветен избор.
Ликот на Ана Каренина ќе го игра Мими Поп Алексова-Атанасовска, во алтернација со Марија КичевскаШокаровска. Во ликот на Вронски ќе настапи Бобан Ковачевски, Каренин ќе биде Васил Чичијашвили…Сценографијата е на Михајло Стојановски и Сашо Стојановски, костимограф е Александар Ношпал.
За премиерата разговаравме со директорката на Балетот во Македонската опера и балет, Олга Панго, која претходно истакна дека претставата е колоритна и обемна за работа и дека успеале за прилично кратко време да ја донесат на сцена.

Во пресрет на премиерата на балетот „Ана Каренина“, кажете ни како дојдовте на идеја да се постави на сцената на МОБ токму овој балет?

-Пред речиси три години ја добив снимката на „Ана Каренина“ кога хрватскиот национален балет требаше да гостува кај нас. Ја погледнав претставата и бев воодушевена од тоа што го видов. Гостувањето на ХНК Загреб не се случи, но се случи минатата година да се сретнам со кореографот Лео Мујиќ, кого го повикав да гостува кај нас во Македонската опера и балет како педагог. Му кажав дека сум ја гледала неговата претстава и го пренесов моето воодушевување од неа. Така падна договор Лео да дојде оваа сезона и да ја работи „Ана Каренина“.

 

Како течеше соработката со Лео Мујиќ? Тој нагласи дека веќе ја поставил во Загреб, дали сте ја гледале таа претстава и колку се разликуваат поставките меѓу себе?

-Соработката со Лео беше прекрасна, тој е голем професионалец, одличен кореограф и уметник, човек кој сто проценти и е посветен на професијата. Како што нагласив погоре, бидејќи сум ја гледала загребската претстава „Ана Каренина“, можам да кажам дека идејата за претставата и нејзината структура се исти, но секако кореографски се разликува. Тој ја адаптираше претставата на нашите играчи за тие да можат да ја доловат улогата на најдобар можен начин и да ја изведат технички.

Музиката на Чајковски е мошне инспиративна и за музичарите кои ја изведуваат и за танчерите на сцена. Со оглед на тоа дека и Вие сте дел од претставата, кажете ни дали претставува предизвик за Вас?

–Претставата беше огромен предизвик за мене. Видете, јас долго време веќе не сум на сцена, но грофицата Вронски разбуди кај мене посебни чувства и желба за сцената. Лео ја измоделира улогата за мене, за да можам да се чувствувам удобно кога ја играм.

фото: Емил Петров

Оваа година ќе ја заокружите со премиера. Што подготвувате за публиката во следната година?

–Следната година е голема година за балетот… 70 години од неговото постоење. Планирам две премиери од кои ќе го задржиме првиот наслов со кој балетот во далечната 1949 година го започнал својот пат. Тоа е „Валпургиска ноќ“ како прв дел и „Кармен“ како втор дел. Ќе следуваат претстави од тековниот репертоар, концерти, изложби и на есен поставуваме еден голем класичен опус, а тоа е претставата „Бајадера“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.