Народниот театар од Охрид вечер ќе настапи на „Охридско лето“ со претставата „Крик за љубов“ – комедија на карактери и љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Режисерот на претставата Љупчо Ѓоргиевски појаснува дека во неа двајца актери, поранешни сопружници, се ангажирани во претстава да играат ликови на исто така двајца поранешни сопружници. Накратко, тоа е претстава за она што се случува пред претставата, односно за време на процесот на подготовка на една претстава, од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата. Се прави прецизно скенирање на типичните ситуации и карактери во театарот, како што се: актерите, режисерот, продуцентот и другиот помошен персонал, во процесот на создавање на една претстава.

Притоа се навлегува во суштината на феноменот наречен „театар“, т.е. колку театарот е живот, а колку, пак, животот е театар, постои ли граница помеѓу нив и како тие се испреплетуваат и прелеваат еден во друг. На крај, се разбира, доаѓаме до чудотворното дејство на театарот врз реалниот живот, вели режисерот.

Љупчо Ѓоргиевски (1956, Битола) од1990 работи како режисер – драматург во Народен театар – Битола, а од 2002 до 2006 година беше негов директор. Има режирано повеќе од 70 претстави во сите театри во земјава, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казан) Турција, Романија, Косово… Поставува дела од светската класична и современа драма, како и македонската драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалака”, „Македонска крвава свадба” и „Парите се отепувачка”). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. Со свои претстави гостувал во Европа, Австралија, Канада и Америка. Ѓоргиески за својата работа е добитник и на повеќе награди и признанија.

Улогите во претставата „Крик за љубов“ ги толкуваат Адријана Тодороска, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Горан Стојаноски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.