Триесет и третото издание на Ликовната колонија „Галичник“ ќе се одржи од 21 до 28 август во селото Галичник.

Годинава тема на колонијата е одржливоста, а разговарање, размислување и дејствување, регионално и пошироко, по ова прашање е целта на учесниците: Марта Стисјак (Полска), Правдолуб Иванов (Бугарија), Ласе Лоренцен (Данска), Зоран Тодоровиќ (Србија), Валентин Стефаноф (Бугарија), Нина Ковачева (Бугарија), и македонските уметници Игор Сековски, Славица Јанешлиева и Гоце Наневски.

Како што истакнува Ана Франговска, организатор и куратор на Ликовната колонија „Галичник“, одново станува збор за одлична селекција на уметници, сите со веќе завидни биографии и огромно искуство во современата уметност во светот, претставници на своите земји на престижното Венециско биенале и секако уметници со исклучително меѓународно излагачко реноме.

Одржливоста, сфатена како процес на пребарување, треба да се однесува на сите димензии на неодржливоста, вклучувајќи ја и нејзината културна димензија. Зборот има неколку контрадикторни дефиниции, особено во зависност од тоа дали некој сака да ги нагласи „границите на (економскиот и индустрискиот) раст“ или верува во чудесната моќ на технологијата бесконечно да ги „заменува“ необновливите природни ресурси. Од културна перспектива, одржливоста може да се сфати како потрага по алтернативни групи на вредности и знаења за светот, реформирање на modi cognoscendi и формирање на разбирање на обрасците што ги поврзуваат економските, социјалните, политичките, културните и еколошките димензии на реалноста. Според тоа, културната димензија има основна вредност за целиот процес на пребарување на одржливоста, посочува Франговска, објаснувајќи ја одбраната тема како многу популарна, но истовремено и многу проблематична именка во современите уметности.

За Франговска квалитативниот императив е структурен елемент на колонијата.

Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата. Колонијата ја потврдува својата тенденција на имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник, како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања и меѓу националниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, различните; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија ’Галичник’ како специфика не само на национален, туку и на регионален план, додава таа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.