Почина поетот, есеист и преведувач Хусто Хорхе Падрон, голем пријател на Македонија. Падрон почина денеска во Мадрид, како последица од компликации од ковид – 19.

Роден е во Лас Палмас, на Канарските Острови, каде што завршува основно и средно образование, а почнува да студира, паралелно, право и филозофија во Барселона. Дипломира на Правниот факултет во Барселона и, по дополнителните студиски престои на универзитетите во Париз, Стокхолм и Осло, станува адвокат во Лас Палмас.

Во шпанската поезија се појавува со својата книга „Темните огнови“ во 1971 година и оттогаш, од година в година, неговото име се повеќе се афирмира, набргу стекнувајќи и меѓународна афирмација. Важи за еден од најпреведуваните и најнаградуваните современи шпански поети.
Беше генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“. На неговите страници има претставено многу современи поети и поезии во тројазично издание (на шпански, англиски и на јазикот на оригиналот), меѓу кои и македонската поезија, на која и беше посветен еден број.

Поезијата на Хусто Хорхе Падрон е преведена на повеќе од четириесет јазици, a објавени му се 82 книги на странски јазици. Добитник е на многубројни национални и меѓународни награди и признанија за поезија и е долгогодишен учесник на Струшките вечери на поезијата, двократен добитник (1989 и 2002) на наградата „Нова Македонија“ за најдобра песна напишана на СВП, а главната награда „Златниот венец“, ja доби во 1990 год. Во 2019 година ја доби наградата „Ацо Караманов“ на „Карамановите средби“ во Радовиш. Беше член на МАНУ (надвор од работен состав) и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

Шестиот ден
Почит кон Македонија
Кога го создаваше Господ нашиот свет
и го заврши својот последен ден,
го погледна с# уште недовршеното дело
и со љубопитство на уметник мина
по Европа со рацете свои
и ги обиколи со гордост и сила
рамнините и пороите на Шпанија.
Ги погали убавите предели на Франција,
родни како виното и меланхолијата.
Посака тој да ги меша изненадата и складот во врвовите
и во грубите линии на пејзажите на Хелвеција.
И кладе снег, пламена таинственост
и брези блескотни
во тишините темни на скандинавскиот ветер.
Се спушти радосно по Бохемија и Италија
и наближувајќи до Балканот си рече:
Ми остана овој предел поубав од најубавото.
Светлината живее тука, најсреќна и чиста.
И како восхитено дете ја допре географијата
што ја имала со столетија
Југославија. Таму занесено се запре
па со раката по бреговите мина
на Јадран небесни, со наслада ги вдиша
проѕирните и прекрасни шуми на Србија,
а потоа понајуг еден заслепувачки блен,
еден дијамант брусен од илјадни ветриња, долго,
една оаза што блика од сончевите води:
таму пулсираше во светлина земјата Македонија.
Тогаш Господ се замечта и стана двапати Господ.
Имиња нежни се јавуваа на неговите усни:
Скопје, Прилеп, Наум, Охрид, Струга.
При изговорот на овие имиња кристални
се родија птици и се населија в крошни
а планетата наша за да ја заштити
ги создаде облаците бели, тие кораби вишни.
Господ восхитено седна зашто не веруваше веќе
во своите сопствени чуда. Ја бакна потоа
сувата длабнатинка тогаш на долината на Охрид.
Не можеше тој да го запре сјајот во своите очи
и заплака пред своето дело најсвидна
И паднаа неговите солзи врз долината на Охрид
езеро создавајќи што ги покри
сините далечини. И Господ
помисли дека случајот понекогаш го довршува
тоа што и недостига на неговата уметност и викна:
Во тебе Охрид и Струга би сакал да се преобратам!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.