Најатуелните претстави од регионот ќе гостуваат на третото издание на Меѓународниот фестивал РУТА кој од 15 до 20 октомври ќе се одржи во Драмски театар Скопје, најави денеска директорот Роберт Вељановски.

РУТА е Фестивал на Регионлната унија на театари во кој членуваат Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар „Улисис“ од Загреб, Месно гледалишле од Љубњана, Градско позориште Подгорица (Црна Гора) и Драмски театар.

Фестивалот почнува на 15 октомври со претставата на Драмски, „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов.

Следниот ден, на 16 октомври е претставата „Опера за три гроша“ од Бертолд Брехт и Курт Веил, во режија на Ленка Удовички и ансамблите на театар „Улисис“ и Градски драмски театар „Гавела“ од Загреб.

Камерни театар 55 од Сараево на 17 октомври доаѓа со претставата „Целосно странци“ работена според истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Ѓеновезе. Режијата е на Лајла Каикчија.

Инспирирани од филмскиот класик „Сцени од брачниот живот“ на Ингмар Бергман, авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја поставија претставата „Мислам дека треба да разговараме“, со која на 18 октомври ќе се претстави ансамблот на Градско позориште Подгорица.

Београдско драмско доаѓа со претставата „Швејк“, работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек. Режисер е Вељко Миќуновиќ.

РУТА во Драмски театар се затвора на 20 октомври со претставата „Иднина“ на словенечкиот режисер Жига Дивјак, работена во копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште.

Од Драмски најавија различни цени на билети за претставите и на пакети. Новина е што оваа година студените имаат 50 отсто попуст на цените на билетите, без разлика дали станува збор за поединечен билет или блок-карти. Продажбата на билетите почнува денес на билетарницата на Драмски, секој ден од 14:30 до 20:30 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.