Деновиве од печат излезе романот „Фауна“ од канадската писателка Кристијан Вадне, како 211 книга во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. Преводот од француски на македонски јазик е на Валентина Новачева, а дизајнот на корицата на Марија Смилевска.

„Фауна“ е романот кој ја доби наградата за креативно пишување на градот Квебек и Саемот на книга „Интернационален Квебек“ во 2019 година, а беше финалист за „Наградата за имагинарни хоризонти“ како и за наградата „Аурора Бореалис“.

Сместен некаде на студениот Север, овој елегантен и изненадувачки роман сочинет од поврзани приказни ги следи ликовите околу изолираното, чудовишно село на студените, Шиверинг Хајтс, каде што комуницираат чудни и футуристички биолошки форми на живот. Меѓу најчудните од овие форми на живот се луѓето, иако читателите ќе откријат и други. Писмото на Вадне е сурово, еротично и наликува на сон. Или, доколку ги сакате Кроненберг, Кафка и Велс, тогаш Фауна е роман за вас, бидејќи го прикажува хипнотичкиот дарвинов кошмар до кој ќе не доведат нашата негрижа и негирање во годините што претстојат.

Оваа фантастична еко-фикција ги воодушеви и читателите и критичарите, кои не штедеа пофални зборови за романот.

Кристијан Вадне е канадска франкофонска писателка, родена 1986 година во Квебек. Пред објавувањето на романот „Фауна“, со години работела во книжевната заедница како програмерка на настани и менаџерка на проекти. Дејствието во „Фауна“, роман сочинет од поврзани приказни, се случува во иднината по климатските промени кога луѓето се борат со мистериозната епидемија додека другите видови се прилагодуваат и размножуваат. Успехот и многуте награди со дебитантскиот роман на Кристијан Вадне широко ѝ ги отворија вратите во книжевниот свет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.