Министерството за култура денеска го објави Конкурсот за учество на Република Северна Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, во организација на „La biennale di Venezia“ (Венециско биенале). Конкурсот е објавен во медиумите и на вебстраницата www.kultura.gov.mk и заедно со пријавата е достапен на следниот линк.

Право на учество на Конкурсот имаат правни лица кои аплицираат со проекти во една од следниве категории: самостојна изложба/проект на архитект; изложба/проект на група архитекти.

Под правни лица се подразбираат установи од областа на културата (национални, локални или приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други правни лица регистрирани за вршење дејност од областа на културата/архитектурата.

Селекцијата на проектите ќе се врши во согласност со исполнетите приоритети и услови и оценките од евалуацијата на квалитетот на проектите.

Конкурсот трае од  25.07.2022 година заклучно до 22.9.2022  година.  

Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември 2023 година, на темата „Лабораторија на иднината“ зададена од кураторката на изложбата, Лесли Локо (Lesley Lokko).

„Архитектите имаат единствена можност да создадат амбициозни и креативни идеи кои ни помагаат да замислиме заедничка, поправедна и оптимистичка иднина“,  вели архитектката и новелистка Лесли Локо.

 

Темата ги провоцира архитектите да замислат дека Венециското биенале е само по себе еден вид лабораторија на иднината, време и простор во кој се поставуваат прашања за релевантноста на дисциплината за овој свет и за светот што доаѓа. Денес зборот „лабораторија“ е општо поврзан со научното експериментирање и евоцира слики од одреден тип соба или зграда. Лесли, исто така, демонстрира решителност и храброст во користењето на два злоупотребени, но незаменливи зборови во нејзиниот наслов – лабораторија и иднина – за да ја врати целосната важност на нивното значење….



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.