Книгата „Ecriture feminine и романот: прилог кон феминистичката теорија на жанрот“ на Марина Мијаковска, чиј издавач е Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје неодамна излезе од печат и беше промовирана на покривот на Домот на културата „Кочо Рацин’. Книгата ја промовираше Славчо Ковиловски.

Книгата зборува за теоретските и практичните аспекти на женското писмо. Значајно е што во неа се дефинираат неколку модели на женското писмо, преку анализа на делата на македонски и светски авторки: Оливера Николова, Ирена Јорданова, Лидија Димковска, Вирџинија Вулф и Маргерит Дирас.

Мијаковска се задржува на дефиниражето на жанрот роман, проучувајќи го пристапон на жените-авторки кон романот.

Марина Мијаковска е родена во Скопје во 1984 година. Таа пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е доктор на филолошки науки. Во декември 2017 година на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја одбранила докторската дисертација Écriture féminine и романот: Прилог кон феминистичката теорија на жанрот. Мијаковска  од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Taa учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации во земјава и во странство. Мијаковска се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко  ниво  со  ценети  и  трајни  поетски вредности“  на  „Поетски вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска  книжевна  авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“  (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019). Марина Мијаковска учествува на научни конференции, предава на работилници за креативно пишување и е водител на книжевни манифестации.

Библиографија

Стихозбирки за возрасни: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019).

Стихозбирки за деца: „Новогодишни детски песни“ (2017).

Книги со раскази: „Куќички“ (2014).

Есеистички и научни книги: „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016) и

„Модели на родовата идентификација“ (2018)

Аудио книги: „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2018)

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.