Во рамките на програмата на „Скопско лето“ денеска беше промовирана книгата со пиеси во стихови „Лет со умот кон папокот на универзумот“ од Љубомир Грбевски, новинар, поет и драмски автор. Поднасловот на книгата е „бајки несолени за мали и за големи“ и покрај бајката-пиеса од насловот, книгата што ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, ги содржи и „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“. Инспирација на авторот му се класични и бајковни ликови од богатата лектира, но во спој со современите чувствувања и одгласи, според времето и вкусот на денешните деца во чиј речник се зборови од модерната електронска технологија и жаргони на новото време. Бидејќи класичните приказни се малку анахрони за денешните деца, во наративот на Грбевски има принцези и џинови кои имаат мобилни телефони, возат скироли…

Да се пишуваат нови бајки, практично е да се пародираат старите модели од Шарл Перо, браќата Грим, Андерсен итн. Со пародирањето ги деконструирам на некој начин. За да го заинтересираш современиот детски читател, мора да бидеш во овој свет и да се направи микс што ќе ги привлече најмладите, рече авторот Грбевски

Книгата ја претстави писателот Стево Симски, кој го истакна токму тој нејзин квалитет – пронаоѓањето нови зборови и жаргони.

Во оваа книга со над 3340 стихови во рима има богата лексика. Играта на авторот од архаичното во литературниот јазик до жаргонското ѝ дава особен белег на книгата, рече Симски. На неговото прашање каде ја црпи инспирацијата за јазикот, авторот Грбевски одговори – од најмладите, некогаш тоа бил неговиот сега возрасен син, а сега внукот и неговите врсници кои го употребуваат, како што рече, тој специфичен новојазик.

Јас малку наслушнував прво од разговорите на синот и неговите другари кога беа помали, а сега од внукот, и се обидував од сето тоа да направам литература, додаде Грбевски, кој пред две години претстави и шест пиеси за тинејџери насловена „Бајки-тралалајки“.

На промоцијата беа прочитани извадоци од неговата новата книга, со звуци од гитара во изведба на музичарот Јаков Дренковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.