Весникот „Њујорк тајмс“ го вброи македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов меѓу најдобрите филмови на годината.

Зачнат како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од установен еп, алегорија за животната средина од вистинскиот живот и, не помалку, боцкава комедија за вечниот проблем со непогодени соседи – пишува А.О. Скот.

На неговата листа со најдобри филмови на годината се најдоа и „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и „Паразит“ на Бонг Јон-хо.

„Медена земја“ ја освои и наградата за најдобар документарец според американската организација „Њујоршки круг на филмски критичари“ („New York Film Critics Circle (NYFCC)“.

Исто така, освoи и номинација за најдобар документарец за Европските филмски награди. Доделувањето е в сабота, во Берлин. „Медена земја“ е и првиот документарец кој е македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата 85-годишна полуслепа мајка во централна Македонија, во селото Бекирлија, југозападно од Овче Поле. Атиџе ги почитува правилата на природата и половина од медот кој го произведуваат пчелите го зема за себе и го продава во Скопје, на пазарите, а половина им остава на пчелите. Со парите кои ќе ги заработи ја прехранува мајка си. Двете живеат во една стара, трошна куќа, без струја и вода. И тоа одлично функционира се додека не дојде едно семејство номади и сточари во селото. Деветчленото семејство мора да се прехрани и таткото Хусеин решава да одгледува пчели исто како и Атиџе, сметајќи на брза и лесна заработка. Притиснат од гладните усти на седумте деца потклекнува на притисокот на препродавачот кој го форсира да го продаде сиот мед што ќе го произведе. Хусеин не ги следи препораките на Атиџе, ниту пак го слуша мислењето на еден од синовите кој му вели дека мора да остави мед за пчелите, ако сака тие да произведат повеќе.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.